Бројот на цркви сведочи не само за големината и богатството на градот на Големо Градиште кај Коњух, туку и за неговото значење како важен црковен центар во регионот, кој најверојатно бил и седиште на епископ, велат од Археолошкиот музеј
Базилика од 6 век открија археолозите во централното градско подрачје на локалитетот Големо Градиште кај кратовското село Коњух. Тоа е уште една потврда дека на локалитетот имало голем урбан и црковен центар од доцно римскиот период, велат од Археолошкиот музеј во Скопје. Археолозите работеле на сегмент на западниот дел на објектот, со три влезови и дел од внатрешниот простор.

– Станува збор за трикорабна базиликата е трикорабна, широка 13,5 метри што ја посочува и нејзината веројатна должина од 25 до 30 метри. Наосот и страничните кораби се издвоени со стилобати, со столбови високи 2,7 метри поставени врз масивни бази. Помеѓу столбовите стоеле преградни (парапетни) камени плочи, украсени со крстови, на што укажуваат наодите откриени во рушевинскиот слој и во северниот и во јужниот кораб. Ѕидовите од внатрешната страна биле премачкани со малтер во боја, а подот во наосот на базиликата бил поплочен со камени плочи. Ова е прво откритие на базилика со волку in-situ зачувани елементи, поради што, од нејзиното натамошно истражување се очекуваат важни информации за архитектурата на објектот и неговите обновувања, кои ќе ги дополнат постоечките сознанија за нејзината хронологија и за хронологијата на утврдениот доцноантички град – велат од Археолошкиот музеј.
Базиликата, работно наречена „Базилика Б“, е втор објект од овој вид на северната тераса (сектор II) на локалитетот, каде било некогашното градско јадро. Во најблиската околина на градот се уште три цркви од 6 век, меѓу кои најпозната е базиликата „ротонда“, откриена во 1919 година.

– Бројот на цркви сведочи не само за големината и богатството на градот на Големо Градиште кај Коњух, туку и за неговото значење како важен црковен центар во регионот, кој најверојатно бил и седиште на епископ – велат од Музејот.
Пред две недели на локалитетот беа одбележани 25 години од почетокот на археолошките истражувања на Големо Градиште. Во селското основно училиште „Кочо Рацин“ беше отворена изложба како дел од активностите за популаризација на овој исклучителен локалитет. Целта е да се споделуваат информации за локалитетот и за културното наследство во неговата околина, на сите заинтересирани случајни и намерни посетители, во текот на целата година. Покровител на изложбата е здружението „Балканска музејска мрежа“ од Сараево, а автор е Горан Санев, кустос- советник во Археолошкиот музеј. Санев со години ги раководи истражувањата во соработка со колешката Каролин Снајвли од Колеџот Гетисбург, од Пенсилванија, САД.
– Истражувањата континуирано откриваат остатоци од непознат доцноримски град, кој бил најголемиот урбан, економски, политички и религиозен центар во регионот, со неспоредлива црковна архитектура и скулптура. Новите откритија и сознанија се презентираат на домашни и меѓународни конференции и се објавени во бројни публикации во земјата и странство, со што локалитетот е добро познат во стручната јавност, особено онаа посветена на истражувањата на доцната антика на Балканот – вели Санев.

Целта на постојаната изложба е преку промоцијата на уникатниот археолошки локалитет да се поттикне развојот на културниот туризам во Општина Кратово и да влијае позитивно врз јавната свест за значењето на културното наследство и неговата заштита од уништување.
– Таквиот потенцијал на локалитетот беше препознаен и од месното население, и од локалната самоуправа која во 2017 година, отстапи дел од основното училиште за потребите на истражувачкиот проект на Големо Градиште. Набргу потоа, со активно учество на жителите од село Коњух, постепено се правеше санација на запуштената состојба на училиштето. Со уредувањето на просторот се роди и идејата за адаптација на дел од истиот во своевидна изложбена поставка, преку која посетителите би можеле да добијат информации за локалитетот и другите археолошки знаменитости во атарот на Коњух – објаснува Санев.

На изложбата приказната за Големо Градиште е раскажана на 11 информативни илустрирани банери. Изложбата и локалитетот ќе бидат отворени во текот на целата година, а посетителите ќе можат да ги посетат со водство на посебно обучени локални водичи од село Коњух и Кратово.
– На тој начин, изложбата истовремено претставува и почетен чекор во процесот на популаризација на археолошкиот локалитет Големо Градиште и културните знаменитости во неговата непосредна близина, преку кој се отвора и можноста за негово вклучување во туристичката понуда, односно развивање на културниот и руралнот туризам во овој дел на општина Кратово – вели Санев.
Фото: Археолошки музеј





