Голем успех за „Илија Николовски-Луј“! Јана Кепеска – прво место, Антонија Атанасова – второ на натпревар во Загреб

Полуматурантката Јана Кепеска ја освои првата награда, а Антонија Атанасова, ученичка во прва година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, ја освои втората награда, на престижниот балетски натпревар „Миа Чорак Славенска“ што се одржа во Загреб. Атанасова доби и стипендија за едногодишно школување на Intrlochen Centre of the Arts во САД. Двете ученички се во класата на проф. Дафина Данилоска – Кочевска.
Матурантката Ева Десоска доби награда да учествува на летен семинар на Унгарската танцова академија во Будимпешта, Унгарија. Нејзин ментор е Лора Тарчуговска од класата на проф. Маја Митровска – Богојевска.

Јана Кепеска (лево) и Антонија Атанасова

На натпреварот учествуваа вкупно 10 ученици од балетското училиште.

– Нашите ученички се натпреваруваа во јуниорска категорија (до 19 год.) каде настапија учесници од повеќе држави – Полска, Словенија, Романија, Словачка, Хрватска, Србија, Унгарија и др. Горди сме на нивното претставување и добиените награди што е и потврда дека балетскиот оддел при ДМБУЦ се вбројува во едно од најдобрите училишта во регионот и пошироко. Ова е прекрасна завршница на оваа учебна година која на учениците покрај редовната настава им беше исполнета и со многубројни воннаставни активности (концерти, фестивали, учество во претставите во репертоарот на НОБ, натпревари и др.). Тоа е всушност визијата на нашиот центар на нас како раководители на одделите и на нашата директорка м-р Даница Стојанова, учениците да стекнуваат искуство на сцена кое многу значи за нивното формирање како идни музички и балетски уметници – вели проф. Спасеновска.

Освен трите натпреварувачки, учествуваа и: Искра Давидовска (класа на проф. Слаѓана Спасеновска), Мила Николова, Веда Анѓушева, Ина Стојановска, Симона Савевска и Томрис Шабан (класа на проф. Дафина Данилоска-Кочевска), Елса Ајрулаи (класа на проф. Илинка Накова).

За наградите одлучи меѓународното жири во состав: Симона Ноха-Небуја, директор на Европски Гран-при балет, Алин Георгиу, директор на балетот на Националната опера во Букурешт, Романија, Џозеф Морисен, директор на одделот за танц на Interlochen Centre of the Arts во САД.

Сподели