Бремените жени и лицата над 60 години ослободени од работа од утре до 18 јули

Поради топлото време Владата донесе препораки за ослободување од работа на неколку категории граѓани и забрана за физичка активност на отворено. Од работни обврски се ослободуваат бремените жени и лица на возраст над 60 години во период од 12 јули до 18 јули. Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други физички активности на отворено во период од 11 часот до 17 часот.

На владина онлајн-седница беше донесена одлука во детските градинки да не се практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 часот до 17 часот.

– Владата препорачува до единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област – велат од Влада.

Сподели