Македонската книжевност има иднина! 23 млади автори во „Антологија на иднината“ на библиотеката „Браќа Миладиновци“

Можеби тие научија нешто од мене, но јас сигурно научив многу од нив. И’ благодарам на Библиотеката, а најмногу на младите креативци, што со заеднички сили успеавме да ја извадиме на светлината на денот оваа „Антологија на иднината“ – вели Русјaков, кој ги водеше низ двомесечната работилница

Каква луда железница од метафори, слики, атмосфера. Од лирика до метафизика, од драматичност до егзистенцијализам и толку многу креативност, толкав потенцијал. Среќа е да се биде во близина на таков вруток, на оваа иднина – ова е кус сублимат на Александра Јуруковска, литературен критичар, за изданието „Антологија на иднината“ што неодамна го објави Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје. „Антологија на иднината“ е плод на многу љубов, на двомесечно работење, учење за креативното пишување на 23 млади автори од Скопје, на кои патот кон пишувањето им го покажа писателот Александар Русјаков.

Песни, проза, есеи на секој од авторите е поместен во книгaта за чија корица се погрижи Борис Дебси, еден од учесниците на проектот, лектор е Денис Бојаров, а за техничката обработка се погрижи Јованчо Димоски. Изданието е поддржано од Град Скопје.

Оваа работилница е дел од стратегијата за што поголема отвореност на Градската библиотека кон младите. Мноштвото курсеви што им се нудат на младите од приватните академии на некој начин биле инспирација за градската институција, ни сподели Снежана Стојчевска, директорна на „Браќа Миладиновци“.

– Сакавме да направиме бесплатна работилница за креативно пишување на која ќе може да се пријави секој што сака да пишува, а не само оние што можат да си го дозволат тоа. Менторот на курсот, Александар Русјаков, природно се наметна, бидејќи беше еден од најуспешните автори во кампањата „Читаме современи македонски автори“. Низ заедничките разговори, бура на идеи и виор на ентузијазам, го започнавме двомесечното патување. При тоа, не се ни надевавме дека денес ќе стоиме тука каде што сме, со оваa прекрасна книга во рацете, како доказ дека една убава и чиста мисла може да стане книга. Особено сум горда што Антологијата е издание на библиотеката – вели Стојчевска.

На повикот за бесплатниот двомесечен курс за креативно пишување се пријавиле околу 40 средношколци и студенти и повеќе од половина го завршија. Антологијата е избор од нивните творби. Можноста да разговара за книжевноста со млади луѓе е неповторливо креативно патување за Русјаков.

-Работилницата за мене беше откровение. Не се пронајдов себеси како човек кој е толку способен и талентиран да им пренесе на овие млади луѓе некакво совршено креативно образование, тоа е практично невозможно, ама открив дека македонската книжевност има своја иднина. Можеби тие научија нешто од мене, но јас сигурно научив многу од нив. И’ благодарам на Библиотеката, а најмногу на младите креативци, што со заеднички сили успеавме да ја извадиме на светлината на денот оваа „Антологија на иднината“ – вели Русјаков.

Софија Добревска е матурантка во гимназијата „Орце Николов“ и планира да студира книжевност Учествувала на „Орцашка вечер на поезијата“ (2023), „Рацинови средби“ (2023) и „Отскочна даска“ на Скопски поетски фестивал (2023).  Оваа година ја објави и својата прва стихозбирка „Небо од стихови“ во издание на „Антолог“.

– Иако, како што вели Алек, никој не може да не’ научи како да пишуваме креативно, сепак неговите часови успеаја да ја разбудат љубопитноста и да поттикнат еден сосема друг поглед кон нештата, размислување кое нè насочува кон повеќе правци. Среќна сум што Градската библиотека соработува со училиштата, се грижи за младите и им отстапува простор за креативна слобода и изразување, благодарение на тоа имав можност да бидам дел од нивните активности – вели младата Софија.

Не стануваше збор за училишни часови, а таму сепак нешто се учеше и се научи, во прво време срамежливо по облик и глас, но уште оттогаш речиси искалено по содржина – се надоврзува и Методија Тасевски, чија желба е да запише класични студии.

-Нашата „Антологија на иднината“ пристигна колку како конечна прослава на нашето дружење, толку и како тешко бело ѕвоно дека истото заврши во изворниот и најблискиот негов облик. Без разлика на нашите утрешни животни продолженија, останува надежта дека одвреме-навреме ќе ни придоаѓаат одеците (дури и со поразвиени многугласија) на она за кое велевме: „Одам на работилницата!“ – потенцира Методија.

***

Таа доаѓа како непоканет гостин

кој ќе стаса во сечиј дом

и ќе замине како никогаш

и да не се појавила,

а знаеш дека нешто земала од тебе.

Смртта.

 (Софија Добревска)

 

РАДОСТ Е ШТО НЕ СУМ ТОЛКУ ГОЛЕМ ПОЕТ

– на Рацин

дали и кога јас ќе умрам

некој насилно ќе влезе во мојот дом

да ги пребара сите мои списи и записи

и најмали ливченца со некакво значење

субјективно и грозно

за во музеј

а црнината на моите дома

ќе биде задржана во мирност од униформите

дур трае тоа дивеење над нашите коски

и дали тие смртници ќе излезат од мојот дом

исто толку насилно како што влегле

за да се вратат во нивниот музеј на смртта и насилството

а моите дома едвај ќе го собираат растуреното

ќе клекнат да се гушнат и плачат?

радост е што не сум толку голем поет.

(Методија Тасевски)

Фото: Лена Стерјовска

Сподели