50 стартни пакети на „Мини трчај бе“ за деца од социјално загрозени семејства

Донација од 50 стартни пакети за деца од социјално загрозени семејства обезбедија организаторите на трката „Трчај бе“ и Атлетската федерација на Македонија за учесниците на „Мини трчај бе“ која ќе се одржи утре во 11 часот на градското шеталиште во Битола. Акцијата опфати 12 основни училишта во Битола и 3 во Општина Могила.

Донацијата на директорите на училиштата им ја предадо Никола Димитровски, организатор на „Трчај бе“, Димитар Петровски, секретар на Атлетската федерација на Македонија и битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Димитровски вели дека сакаат да ги поддржат училиштата и да им ги дадат на децата алатките што им се потребни за здрав, активен живот.

– Битола има богата историја во атлетиката со атлетскиот клуб „Олимп“ кој замре и се подзаборави, па ние го возобновивме со раѓањето на големата трка пред шест години, враќајќи го атлетскиот дух на градот кој дал незаборавни национални рекорди. Денес, новите спортски надежи на битолската атлетика нижат успеси, не се враќаат од натпревар без освоен пиедестал. Оттука и идејата за детско издание на „Трчај бе“, под името „Мини трчај бе“ кое го започнавме минатата година. Тоа не е само трка, туку е прослава на иднината на нашите млади идни спортисти – вели Димитровски.

Петровски истакна дека оваа заедничка иницијатива меѓу АФМ и „Трчај бе“ ја покажува нивната посветеност за негување на младите таленти и промовирање на атлетиката во сите заедници.

– Горди сме што стоиме со Оштина Битола во ова и се трудиме и работиме на поттикнување на интересот за атлетиката во помалите општини, па таков пример е Могила. Оваа донација е доказ за нашата посветеност. И така продолжуваме – вели тој.

Коњановски изрази благодарност истакнувајќи дека донацијата е светол пример за тоа како соработката и духот на заедницата можат да направат вистинска разлика.

– Битола е град на спортот, горд сум што има бројни спортски клубови и здруженија кои го поддржуваат спортскиот развој на нашите деца. А овој пример на „Трчај бе“ со АФМ е добар начин за поврзување на клубовите со образованието и заедницата. Со нетрпение очекуваме да ја видиме радоста и возбудата на лицата на нашите млади учесници утре – рече Коњановски.

Сподели