Македонската книжевна визита во Софија обедини 17-мина поети

Со поетскиот митинг на кој учествуваа 17-мина македонските и бугарските поети синоќа во Македонскиот културен центар во Софија заврши 15. „Македонска книжевна визита во Софија“. Целта на овие средби е афирмација на македонската литература во Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.

Своите поетски стихови си ги споделија: Влада Урошевиќ, Маја Панајотова, Бранко Цветкоски, Димитар Христов, Јулијана Величковска, Николај Шопов, Димитар Башевски, Поли Муканова, Лора Динкова, Душко Крстевски, Иван Христов, Иван Антоновски, Тања Попова, Тихомир Јанчовски, Петар Андасаров, Марија Велинова и Атанас Капралов. Тие заедно со бројната публика го проследија и документарниот филм „Визита за трајно книжевно пријателство“, посветен на деценија ипол долгата мисија на оваа книжевна манифестација.

Филмот кој е во продукција на книгоиздателството „Макавеј“ потсетува на 15-те изминати години на оваа значајна книжевна средба на која зеле учество 100-тина македонски автори и која беше поттик за преведување на 50-тина македонски книжевни дела на бугарски јазик и за воспоставување нови книжевни и творечки врски меѓу писателите од Македонија и Бугарија. Клучната порака на документарниот филм е дека вградените петнаесет години книжевна соработка, творечка размена и зближување на писателите од двете земји ја искачуваат оваа манифестација на пиедесталот на ретките меѓудржавни културни акции кои придонесле за трајното книжевно и културно пријателство меѓу Македонија и Бугарија.

И оваа година манифестацијата што ја организираа „Макавеј и македонскиот КИЦ во Софија, беше поддржана од македонското Министерство за култура.

Сподели