Филозофија – нов изборен предмет за учениците од 4. до 6. одделение во новата учебна година

Филозофија како слободен изборен предмет ќе може да изберат учениците од 4, 5 и 6 одделение од идната учебна година. За разлика од задолжителниот предмет Филозофија за 4 година средно образование, предметот за основно образование не претставува изучување на историјата на филозофијата или анализа на апстрактни филозофски идеи. Од Филозофското друштво на Македонија велат дека низ конкретни примери, низ приказни, мисловни експерименти и друштвени игри, преку техники засновани на иновативниот пристап на филозофија со деца, учениците ќе дискутираат за вечните филозофски прашања за праведноста, слободата, пријателството, вистината, убавината.

– Целта на предметот Филозофија е да ги негува и развива детската вчудовиденост, љубопитноста, критичкото и творечко мислење и имагинацијата, врз база на принципот „не постои погрешен одговор“, без притоа детето да биде наведувано или да му бидат наметнувани гледишта и ставови кои самото ги нема промислено – велат од Друштвото.

Предметот Филозофија со деца е воведен во основните училишта во многу држави во светот (во Австрија од 1983 година, во Франција од 1996, во Канада од 2004, во Словенија од 2006 година). Воведувањето во раното образование го препорачува и УНЕСКО за да се развие критичко и креативно размислување, да се прифатат демократските вредности и да се развијат вештини за мирен општествен дијалог. Во 2016 година, УНЕСКО отвори Катедра за практикување на филозофија со деца, разбирајќи ја оваа дисциплина како основа за меѓукултурен дијалог и социјална трансформација.

-Оваа дисциплина се развива од 1970-тите години, почнувајќи од Метју Липман, кој покажа дека децата кои имале можност да учат филозофија уште од мали нозе напредуваат на два важни начини: тие се способни за јасно, прецизно, разумно и критичко размислување но, исто така, се отворени и за идеите и ставовите на другите – велат од Друштвото.

Наставната програма, прирачникот за наставниците, и оригиналните и иновативни дидактички материјали за предметот Филозофија, се изработени во рамките на ЕРАЗМУС+ проектот „Филозофија со деца за поширока социјална инклузија – SOPHIE“. Носител на проектот е Филозофското друштво на Македонија, а партнери се Филозофскиот факултет во Скопје, Националниот и Каподистриски универзитет во Атина и Словенечкото филозофско друштво. Во рамките на проектот се спроведе и пилотирање на програмата во 3 основни училишта во Македонија, 2 училишта во Грција и 2 во Словенија. Наставната програма и прирачникот за наставници се достапни на интернет страната на Бирото за развој на образованието. Заинтересираните училишта и наставници можат да се пријават на [email protected] за да им бидат доставени и дополнителните дидактички материјали, кои се состојат од збирки приказни и работни тетратки, театарски сценарија со илустрации и забавни и поучни друштвени игри. Дидактичките материјали наскоро бесплатно ќе бидат достапни и на интернет страната на SOPHIE (www.projectsophie.eu), каде што можете да најдете подетални информации за проектот.

Сподели