Учете популарни жанрови на ФМУ во Скопје по европски и светски теркови

Новите студенти на насоката џез и популарна музика во новата академска година ќе имаат можност да учат од квалитетна програма што ги следи европските и светските теркови, од причина што голем дел од наставниот кадар го има стекнато своето образование на најеминентните школи во Европа. Практично, студентите го добиваат истото знаење што се добива на европските музички универзитети, останувајќи во својата држава, вели Кирил Туфекчиевски, раководител на Катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во текот на првиот циклус студии, што траат вкупно 4 години, првично се работи на совладување на избраниот инструмент, а студентите исто така ќе имаат можност да свират и во ансамбли кои интерпретираат музика од различни жанрови. Саксофон, гитара, соло пеење, труба, пијано, бас, контрабас и тапани се инструментите што студентите можат да ги изберат.

– Студентите ќе посетуваат и групна настава по предметите хармонија, импровизација, пијано во контекст, ритам и метрика, како и многу други предмети преку кои ќе стекнат знаења и вештини кои еден комплетен музичар мора да ги поседува.

Д-р Андријана Јаневска го раководи одделот за соло пеење. Целта на студиската програма по соло пеење е формирање на музичка личност – пејач, на високо професионално ниво, оспособен за самостојно обавување на сите видови креативни изведувачки процеси. Тројца студенти годишно можат да се запишат на оваа програма. Наставата е индивидуална со што целосно можеме да се посветиме на секој студент, вели Јаневска.

– Современиот пристап во наставата по предметот соло пеење се одликува со единство во развојот на интерпретаторското умеење, култура на заедничко музицирање во ансамбли за популарна музика или биг бенд, како и изградба на педагошко знаење. Целта на предметната програма за соло пеење (популарни жанрови) е да ги развие на високо техничко и музичко ниво индивидуалните способности на студентот, да го развие во најголема можна мерка неговиот музички потенцијал и да го подготви за успешно вклучување во светот на професионалната музика. Преку предвидената програма се развиваат и негуваат различните изведувачки сегменти, како што се: солистичко музицирање, ансамблово музицирање, импровизација, транспонирање, читање „а виста“, создавање индивидуален репертоар и сопствена музичка визија – објаснува Јаневска.

За запишување на овој смер, не е задолжително кандидатот да има завршено нижо или средно музичко училиште, но задолжително мора да се подготви течно да чита нотен материјал. Во текот на студиите, на студентите им организираат разни настапи на кои имаат можност да стекнат дополнително изведувачко искуство.

Според проф. Иван Иванов, младите што сакаат да учат Популарни жанрови немаат најреална слика што точно се работи. Тоа го увиделе и затоа организираат семинари и запознавање со програмата, како и можностите по завршување на студиите.

– Тоа го правевме во Струга и Битола, и во Штип во средните музички школи. Овие семинари би требало да имаат позитивен ефект. Исто така на нашиот смер има добар тим од професори кои редовно се на музичката сцена и свират во најдобрите бендови во Македонија и во странство – истакна м-р Иванов.

Во последните години џез културата во земјава станува сè подобра. Публиката доаѓа на концертите, од годинава е создаден и Националниот џез оркестар. На прашањето дали професорите од Популарни жанрови очекуваат дека тоа ќе има позитивно влијание врз одлучноста на младите музички таленти да ја изберат оваа насока.

– Секако, со започнувањето со работа на оваа институција се отвораат дополнителни работни места на кои студентите ќе можат да се вработат по нивното дипломирање. Голем дел од членовите на биг-бендот се и професори на оваа насока. Во текот на студиите, студентите ќе имаат прилика да се запознаат со работата на биг бендот, преку посета на пробите и подготовките кои им претходат на тековните концерти. Исто така, планирано е дел од најталентираните студенти да имаат прилика да настапат со биг бендот на заеднички концерт кој ќе се одржува еднаш во годината – вели Туфекчиевски.

Националниот џез оркестар е богатство на државата. Наша одговорност е бендот да го направиме светски и да се доближиме до оние светски џез оркестри колку можеме повеке. Овој биг бенд сигурно ќе инспирира млади таленти кои ќе ја засакаат џез музиката, вели Иванов.

– Младите музичарите треба да свират и работат и кај нас дома и во светот. Добро е да бидат некое време во странство, па да се вратат дома. Носат нови искуства. Сите млади музичари треба да пробуваат да направат оригиналнa музика (бенд). Доколку не успеат ќе можат да свират на многу места. Факт е дека нема да може сите да се вработат во институциите ( џез оркестарот, основни и средни школи и други работни позиции), но има многу ангажмани како слободни уметници, каде што може добро да се заработи. Сепак мора да живее од нешто – вели Иванов.

Сите потребни информации, идните студенти може да ги најдат на веб-страницата на Факултетот за музичка уметност – ФМУ Скопје, на студентски прашања или пак да стапат во директен контакт со некој од професорите.

Сподели