Визуелната и мултимедијална уметница Пандора Апостолоска-Саздовска учествува на 6. Меѓународна изложба на современа уметност на уметници Ars Visibilis која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Медитеранскиот уметнички центар (MECA) во Алмерија, Шпанија.
Куратори на изложбата се Роза Муњоз Бустаманте и Фернандо Барионево и таа ќе даде одговори за улогата што жените ја заземаат во уметничкиот свет и потребата да се направи видлив нивниот придонес. На изложбата учествуваат уметници од Шпанија, Австрија, Швајцарија, Белгија, Кина, Франција, Македонија, Бразил, Тајланд и од Обединетото Кралство. Со свои дела се претставуваат: Адел Разкови, Алмудена Тапија Порас, Асунсион Лозано, Кармен Гвардија, Есперанза Ромеро, Герда Ван Дам, Жана Шевалие, Ли Жао, Мар Гаридо, Марија Долорес Галего, МК Балинт, Моника Васкез Ајала, Пандора Апостолоска-Саздовска, Реџина Кармона и Тоња Гомез.
– Во 21 век, Современата уметност претрпува голема трансформација со гласовите и перспективите на жените уметници кои играат клучна улога. Шестото издание на Ars Visibilis што MECA во Шпанија го развива од 2012 година е програма што ќе го истакне талентот и различноста на современите жени уметници на меѓународно ниво. Целта на изложбата е да претстави различни стилови, теми и пристапи кои ја одразуваат различноста на женските гласови во уметноста. Повеќето од уметниците кои ќе ги прикажат своите дела се карактеризираат со континуиран процес на истражување на нови медиуми, техники или форми на изразување. Духот на Ars Visibilis VI е тука за да служи како мегафон кој ќе го прошири гласот за оваа реалност – велат организаторите.

Делото од Апостолоска-Саздовска
Програмата е составена од изложба на современа уметност, меѓународен циклус на Vido Arte и документарниот филм Refresh, Women Artists of the 20th Century, подготвен специјално за MECA од Роза Муњоз Бустаманте. Ова е преглед на големите жени уметнички од 20 век. Ќе биде понудена анализа на големите историски пресвртници кои овие уметнички ги направиле во современата уметност. Изборот на уметниците се фокусира на западниот свет во чие општество сè уште преовладува природата на креативноста како типична за машкиот род. Уметницата е принудена да вградува нови теми во своите дела во кои главната оска е нејзиниот женски универзум преку кој таа ја осудува својата позиција во светот на уметноста. Ова се случува поради континуираната невидливост што жените и понатаму ја доживуваат во уметничкиот свет. Во документарниот филм “Refresh” ќе се анализираат различните историски и актуелни пресвртници што овие жени уметници ги направиле за да ја спречат оваа нееднаква состојба. Повеќето од нив се големи икони на феминистичката уметност особено од 60-тите години, бидејќи, како што вели Гризелда Полок – историчарка на уметност, феминистка и културна аналитичарка: „Не е историјата, туку идеологијата која е одговорна за отсуството на жените во дисциплината Историја на уметноста. Креативноста е означена како исклучиво машки атрибут.“
Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски. Таа е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Реализирала многу изложби во странство. Во 2017 година беше визититинг професор на катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати, а во 2023 година беше визититинг професор на Универзитетот во Сокотра, Јемен.
Изложбата во Шпанија ќе трае до 6 јуни.





