Под мотото „Приказна се чита“, до 24 април спортскиот центар ќе се претвори во книжевен епицентар за масовната публика
Со поголема шанса за малите издавачи кои на годинашниот Саем на книгата ќе имаат центарлни позиции во салата „Борис Трајковски“ во Скопје денеска напладне почнува најмасовната манифестација посветена на книгата во Македонија. Под мотото „Приказна се чита“, до 24 април спортскиот центар ќе се претвори во книжевен епицентар за масовната публика. А досегашните изданија на Саемот покажаа дека во Македонија читателска публика има. Меѓу издавачите ќе се претстават и 15-те членки на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) кои ќе изложат тоа што им е најново, најдобро и што најмногу се бара. Наташа Атанасова, секретар и лице за односи со јавноста на МАИ подетаљно открива што подготви издавачката асоцијација на ова саемско издание.

Годинава за првпат МАИ организира Фелоушип програма во рамките на Саемот. Кои гости доаѓаат во Скопје, како е замислена програмата и интеракцијата со публиката?
– Оваа година МАИ за првпат организира Фелоушип-програма, која е во рамки на Саемот на книгата, а е поддржана од Министерството за култура. Имавме отворен конкурс за издавачи и агенти, на кој се пријавија многумина, од кои комисијата на МАИ за Фелоушип-програмата избра петмина. Ни доаѓа една агентка од Франција, Флоренс Жири, која има над 25 години искуство во оваа област и четворица издавачи: Петра Кавчич од словенечката издавачка куќа „Белетрина“, Ена Хасечиќ од издавачката куќа „Бајбук“ од Босна и Херцеговина, Јанис Краниас од грчката издавачка куќа „Ентипоис публикејшнс“ и Мирослава Уљаревиќ од црногорската издавачка куќа „Ободско слово“. Целта ни е да ги запознаеме со нашата најголема книжевна манифестација, да остварат средби со нашите издавачи и да поттикнеме превод на македонски автори во рамки на нивните издавачки програми. На крајот на нивното гостување, во петок од 18 часот, во Промо центарот на Саемот, тие ќе учествуваат на панел-дискусија на тема „Современите издавачки текови и македонската издавачка продукција“, каде што ќе ги споделат своите впечатоци за македонското издаваштво со новинарите, односно со македонската јавност.

И годинава ги доделувате традиционалните награди, вкупно осум. Каков беше интересот годинава, имаше ли интересни пријави?
– Годинава осми пат по ред ги организираме наградите на МАИ и доделуваме признанија за најголемите достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема (за најдобра едиција, најдобар дизајн на корица, најдобро ликовно-графички уредно издание, најкреативно издание, најдобра книга за деца, најдобар општествено одговорен проект, специјално признание за промотор на читачката култура и автор на годината). За наградите пристигнаа апликации од 19 ентитети (издавачи, индивидуалци и институции) и конкуренцијата е навистина голема, што секако нè радува, затоа што тоа покажува дека наградите на МАИ имаат тежина и за издавачите и за читателите. Имаше многу интересни апликации, а најдобрите секако ќе можеме да ги дознаеме за време на свеченото доделување на наградите, кое ќе биде на 19 април (петок) од 19 часот.

Од неодамна МАИ се придружи кон иницијативата за поттикнување и поддржување на читателскиот интерес кај децата. Зошто е важно негувањето на најмладата читателска публика?
– Тука би се надоврзала на одговорот од претходното прашање. Следејќи ги секоја година сите изданија за деца преку апликациите и примероците што стигнуваат за наградите на МАИ, можам да кажам дека навистина зачудува со колкава брзина одиме напред во книжевноста за деца од година во година. Астрид Линдгрен има кажано дека каков ќе биде светот утре во голема мера зависи од моќта на фантазијата на оние кои учат да читаат денес. Мораме да ја развиваме фантазијата на децата и нивната способност за (критичко) размислување ако сакаме да имаме убава иднина. Затоа МАИ од година во година вложува напори во тоа да ги приближи книгите до што повеќе деца и во тие рамки беше и нашето придружување кон иницијативата на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“. Нè радува и тоа што организаторите на Саемот годинава размислуваа и работеа во истата насока, па креативата на Саемот на книгата со слоганот „Приказната се чита“ им се обраќа директно на младите кои „скролаат сториња“ и на илустративен начин ги враќа кон значењето на зборот „story“ – приказна. А најубавите приказни, знаеме дека скриени меѓу корици и чекаат да се читаат.
Фото: МАИ





