Аудиовизуелното патување „Време на бетон“ на Игор Иванов-Изи премиерно во „Фросина“

Долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов и продукција на Скопје Филм Студио ќе биде премиерно прикажан вечерва во 20 часот во киното „Фросина“ во Скопје. Филмот ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонско-урбанистичка историја. Особен фокус е ставен на модерната, која го следи градот од почетокот на 20 век, посебно кусата ера на брутализмот. Што е она што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност, естетска, архитектонска, практична и зошто тој е со децении предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? „Време на бетон“ претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени.

Грижливо создадените кадри, надополнети со архивски снимки и фотографии, како и 3Д анимации, водени од нарација, го прават овој филм едно уникатно аудиовизуелно патување низ скопскиот бетон и неговата контроверзност.

„Време на бетон“ е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски. Филмот е направен со поддршка на македонската Агенција за филм.

Сподели