Книгата за деца е потценета, сè оди во прилог да се уништи и најмалиот ентузијазам кај авторите

Ако годинава нè има на саемите во Болоња или Франкфурт, а в година не, целиот труд паѓа во вода. Но, за да можеме да се пофалиме со преводи на други јазици, треба време, потребно е да се иницираат агенти, а тоа бара пари. Без поддршката на Министерството и без филтрација на квалитетот, нема успех – смета Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“

„Прво да си го средиме нашиот двор. Ми се чини дека полека излегуваме од вакуумот на недостиг на автори за деца. Мислам дека оваа генерација автори за деца веќе тоа го прави. Сега треба да ја едуцираме публика“, смета Бистра Георгиева, авторка на сликовници која беше една од учесниците на трибината „Како македонската литература за деца полесно да ги помине границите на нашата земја“. Дебата ја организираше Фестивалот за детска литература и илустрација „Литера“ од Скопје, со поддршка на „Халкбанк“.

Како да се подотворат вратите на книгата за деца надвор од Македонија, имаме ли вредни дела за да се промовираме на големите саеми, но и како да се подобри квалитетот дома? Ова беа дел од темите што беа опфатени на дебатата на која учествуваа и Билјана Црвенковска, Ване Костуранов, Татјана Димовска-Атанасова и Александра Јуруковска.

Сите се согласуваат дека национална стратегија за детската литература е повеќе од неопходна, а тоа го немаме, ниту е на повидок да се создаде.

– Стихијно ги правиме работите, а не со долгорочен план. Кај нас функционираат тие пријателски врски, што не е за голема пофалба. Детската книга е потценета. Може ли да најдете некаде критика за издание за деца? Таа треба да биде видлива, да ги поврзе читателите со авторот. Прашањето е каде да објавуваме критика? Ние се однесуваме многу немарно кон сопствената култура. За жал, живееме во ера кога медумите не ја сфаќаат културата како нешто важно и често литературата за деца не може да најде своето место таму – истакна Јуруковска.

За среќа, додава таа, имаме квантитет и порасна бројот на домашни македонски автори.

– Пред три години кога започна „Литера“, за мене беше прва таква средба, на едно место беа и писателите и илустраторите и на исто рамниште беа ставени двата профила. Фестивалот укажува колку е важно да се обликува, да се едуцира публика, а во нив најверојатно ќе се роди некој автор илустратор – вели критичарката Јуруковска.

Книгите за деца се посебно поддржани во светот, посебно за печатење, за права, илустрации. Ние тоа го немаме. Единствено што ни останува е поврзување со агент, вели Црвенковска.

– Неодамна прв пат ми се случи да ме исконтактира агент за последната сликовница за да можеме да ја понудиме на други јазици. Имаме зголемена продукција и треба да имаме, но прашање е колку од тоа е доволно добро за да се пласира надвор. Мислам дека уште се градиме и дека не сме баш спремни да понудиме врвен производ. Ние немаме десет наслови за да ги понудиме на Саемот во Болоња, на пример. Поддршката што ја дава Министерството за култура е многу мала, особено годинава. Сите детски книги добија 70.000 денари поддрѓка, а 140.000 денари за возрасни. Јас имам осум книги. Според мене, не треба да ми одобрат 8, подобро е да биде 5, а да биде поквалитетно. Се ставаме во ситуација сите автори да се откажат од хонорарите и да земат нешто симболично, остатокот да оди кај илустраторот. Да не кажам дека за печатење на книга се издвојуваат по 20.000 денари, а тоа чини двојно повеќе – вели Црвенковска.

Таа не го крие својот револт дека авторите за деца се помалку почитувани, отколку тие за возрасни. Преку својот пример тоа го докажува, со оглед на тоа дека во последните неколку години почна да пишува и за возрасни.

– Мојот прв роман „Девет приказни за госпоѓица Сит“ веќе се преведува на два јазика – српски и украински. Како автор за возрасни вратите се многу поотворени. Неодамна се вратив од резиденција од Словенија, има повеќе фестивали за возрасни, програми што поддржуваат превод. Многу полесно ќе најдете фонд за поддршка на превод. Па дури и во нашето Министерство ќе добиете поголема поддршка ако конкурирате со книга за возрасни. Сè е свртено против ентузијазмот да работите за деца. Мене како издавач ме обесхрабрија да издавам книги за деца. В година веќе нема да издадам повеќе од две авторски книги за деца. Се трудам да финансирам дополнително за соработниците да бидат задоволни. Ние немаме начин како да го продадеме тиражот. Книжарниците бараат рабат 30 посто, откуп немаме од библиотеките – вели Црвенковска.

Нејзината книга „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ периодов се преведува на германски, а „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ е објавена на српски јазик.

Ване Костуранов вели дека тој е класичен пример како не треба да се прават работите.

– Случајно влегов во тој свет, немав никакви очекувања, а камоли моите книги да бидат преведени на други јазици. Се случи спонтано, ме поканија прво во Србија на фестивал, запознав луѓе кои работат фестивал во Хрватска. Така се развија личните контакти, така се случија преводите отпосле. Тоа со лични контакти функционира само на Балканот, за подалеку – мора да работите со агент – вели Костуранов.

Неговата „Девојче и мече“ е преведена на српски и на корејски јазик, а се подготвува преводот на германски, а „Ѕвездено дете“ е објавена на хрватски. Во однос на квалитетот на илустрацијата, Костуранов смета дека сè уште не сме спремни за да конкурираме на Болоња, каде илустрациите се на ниво на уметност.

– Тргнувам од себе и сметам дека уште треба да се развивам за да го достигнам тоа ниво. Но, некако се движат работите. За да се издаде квалитетно, потребни се пари. Најдобрите илустратори од Македонија работат за странскиот пазар и не се бават со илустрација за деца. Тоа што досега го имаме е сведено на некој ентузијазам на авторите. Најчесто кога ќе ни се родат децата се инспирираме да создадеме некое дело. Но, професионално да се бавите со тоа, е скоро невозможно – вели Костуранов.

Издавачката куќа „Арс ламина“ направи исчекор во објавувањето дела од постари писатели и промовираше нови млади автори. Тие редовно ги посетуваат меѓународните саеми.

– За да имаме успех потребен е континуитет, а тоа без долгорочна стратегија не е возможно, зашто конкуренцијата во Европа е голема и жестока. Трендовите се менуваат квартално, секоја година се менуваат не само тематски, но и со илустрации, а за да се постигне тоа мора да се работи на создавање на публиката. „Арс Ламина“ работеше многу на подобрување на квалитетот. Децата и нивните родители беа малку застанати во времето и во содржинска и во ликовна смисла. И моравме да излеземе од приказните дека момчињата треба да читаат за диносауруси и за витези, а девојчињата – за принцези и балерини. Донесовме светски бестселери. Успеавме да создадеме и наши авторски имиња и во поглед на авторите на текстот и на илустраторите. За да можеме да се пофалиме за превод на други јазици, тоа е процес што трае долгорочно. Ако годинава нè има во Болоња или Франкфурт, а в година не, целиот труд паѓа во вода. Но, за да можеме да се пофалиме со преводи на други јазици, тоа е процес. Треба да се иницираат агенти, а тоа бара пари. Без Министерството и без филтрација на квалитетот, нема успех – смета Димовска-Атанасова.

Ни треба и едукација во читачките навики кај децата. Неодамна тие ја објавија едицијата „Железница од емоции“, со цел преку приказни, вежби да им помогнат на најмладите да ги препознаат емоциите и да се соочат со нив.

Авторката Бистра Георгиева го сподели своето искуство за соработка во која прво не верувала дека ќе се случи. Имено, таа ја нашла својата соработничка, илустраторката Моника Карадеро на „Фејсбук“. Нивното заедничко дело „Џиновските сликовници“ веќе е објавено на шпански и на англиски јазик и тоа на три контененти – Европа, Северна и Јужна Америка.

– Извесно време ја следев нејзината работа на „Фејсбук“. Тогаш работев во „Охо“, требаше да пишуваме сликовница на некоја тема. Прифатив да ја напишам и им предложив Моника да илустрира. Стапивме во контакт и кога дојдовме за делот за хонорарот, таа ни побара околу шест пати повеќе отколку нашиот предвиден буџет. Ѝсе извинив и заблагодарив, објаснувајќи дека не можеме да си го дозволиме тоа. Но, потоа сепак покажа интерес да види за што станува збор. И го пратив текстот „Јас Ото Ото“, многу ù се допадна и рече дека ќе го работи за помалку пари. Оттаму тргна, па следуваше соработката на „Џиновските сликовници“ – вели Георгиева.

Таа неодамна издаде пет книги од едицијата „Сани и Стела“, а треба да следуваат уште толку.

Сподели