Прва македонска сликовница со кирилски фонт за дислексија

„Тито и Дино“ е првата македонска сликовница целосно изработена со специјален фонт за дислексија која деновиве излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Авторка на книгата е Ј. Мишо, a илустрациите се на Оливер Коларевски. Користен е кирилскиот фонт DyslexicFZF, специјално изработен од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје за да им се олесни читањето на децата со дислексија.

Според Дамјан Николовски од „Ајнштајн“, објавувањето на „Тито и Дино“ е од големо значење за лицата со дислексија, но најголема корист од неа ќе имаат учениците со дислексија од раната училишна возраст.
– Оваа книга ќе донесе многу позитивни промени, не само во издаваштвото. Ова е првата сликовница во нашата држава, изработена со кирилскиот фонт DyslexicFZF, специјално креиран за да го олесни читањето кај лицата со дислексија. Финалниот производ е фантастичен од секој аспект. „Тито и Дино“ е топла, интересна приказна со одлични илустрации, која ќе им го задржи вниманието на малите читатели – вели Николовски.

Тој ја истакнува и важноста што „Арс Ламина“ ги приспособува книгите на лицата со дислексија. Издавачката куќа досега има издадено повеќе од 60 македонски лесно читливи лектири и читанки.

Според Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“, во обидите да ги направат книгите сè подостапни до читателите адаприрале одредени изданија.
– Тоа и ни беше инспирација за едицијата „Лесни читливи лектири“ со која првпат во македонското издаваштво лектирите се изработуваат со фонтови за дислексија. Успехот и добриот прием на оваа новина кај лектирите нѐ поттикна да го примениме кирилскиот фонт DyslexicFZF и во изданијата за предучилишна и раноучилишна возраст – вели Бугариска.

„Тито и Дино“ е приказна за необичното пријателство помеѓу диносаурусот Тито и детето Дино, кои делат заедничка пасија – љубовта кон програмирањето. Сликовницата отвора и повеќе актуелни прашања, како соочување со врсничкото насилство во училиштата, прифаќање на различните деца и вклопување на децата кои другите не ги разбираат.

 

Сподели