УНЕСКО ја прогласи Длабока Река во Маврово за светско природно наследство

Буковата шума стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“ која во моментот опфаќа 18 земји од Европа

Буковата шума по течението на Длабока Река е впишана на Листата на светско наследство на природата на УНЕСКО на 44. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржа онлајн, а домаќин беше Кина. Шумата, дел од Националниот парк Маврово е второ природно добро од земјава што се најде на листата на УНЕСКО, по Охридскиот Регион кој е прогласен за мешано наследство, природно и културно. Шумата кај Длабока Река, лева притока на Рибничка Река, која пак е десна притока на Радика беше на тентативната листа (листа на чекање) од 2019 година. Со прогласувањето стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, впишано на листата во 2007 година. Територијата на доброто е проширена во 2011 и во 2017 година, а деновиве уште десет земји се вкулени во споменикот на природата: Босна и Херцеговина, Чешка, Франција, Италија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Србија, Словачка и Швајцарија.

– Проширувањето на транснационалното светско наследство „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“ на десет европски земји ја зголемува исклучителната вредност и интегритетот на ова природно добро, кое сега содржи 94 компоненти во 18 земји. Проширената територија на ова добро претставува исклучителен пример на релативно ненарушен комплекс и го претставува широкиот спектар на севкупните еколошки процеси на чисти и мешани стојалишта на европската бука низ разни еколошки состојби – соопшти УНЕСКО.

Комитетот за светско наследство на Листата на светско наследство додаде и четири локалитети споменици на културата и еден споменик на природата: Колонадите во Болоња, Италија, делата на архитектот Јоже Плечник во Љубљана, Пејзажот од шкрилец во Северозападен Велс, Обединето Кралство, Петроглифите на езерото Онега и Белото Море, Руска Федерација и Националниот парк Ивиндо во Габон.

Од Македонија уште четири локалитети се на листата на чекање: Архео-астрономскиот локалитет „Кокино“, номиниран во 2009 година, пештерата Слатински извор, ставен на листата во 2004 година, Маркови кули, номиниран во 2004 година и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, номинирана кон крајот на 2020 година.

Постои уште една Листа на светско нематеријално наследство на која се поместени духовни вредности кои и денес се практикуваат во светот, но се во опасност од изумирање. Од Македонија на оваа листа се впишани: обичајот Четрсе во Штип – одбележување на празникот Свети 40 маченици (Младенци) на штипскиот Исар, прогласен во 2013 година; орото „Копачката“ што се игра во Драмче, Пијанец, впишан на репрезентативната листа во 2014 година; „Гласоечко“ – машко двогласно пеење од Долни Полог, во 2015 година; Хидрелез, славење на пролетта, обичај што се практикува во Македонија и во Турција, ставен на листата во 2017 година и обичајот со мартинките, во чија подготовка покрај Македонија учествуваа и Бугарија, Молдавија и Романија. И овој обичај беше ставен на репрезентативната листа во 2017 година.

Охридскиот Регион деновиве беше во фокусот на јавноста бидејќи беше предложено да се премести на Листата на светско наследство во опасност. Делегатите изгласаа да им се даде уште една шанса на Македонија и Албанија да ги спроведат препораките на експертите од Реактивната мисија за заштита на регионот од деградација.

Фото: Wikipedia

Сподели