Инспирација за изработката на фонтот рацин беа Рациновите оригинални ракописи, сочувани во бројни документи кои веднаш го привлекоа моето внимание, пред сè, од типографски аспект, но никако не можев да го занемарам емотивниот момент кој се провлекува низ неговото пишување, поточно кажано, начинот на неговото пишување, конструкцијата на буквите е одраз на неговата моментална емоционална состојба
Што би бил јазикот ако не можете да го запишете тоа што ќе го кажете? Зборовите се паметат, но запишаните зборови остануваат како материјални докази да сведочат за науката, за мудроста, за радоста, за тагата, за вечноста… а тоа не би било можно ако ги нема буквите, фонтовите – вели графичкиот дизајнер Ласко Џуровски, најпосветениот типограф во Македонија. Тој е неуморлив автор на многу кирилични фонтови, на буквите им дава нов живот, а инспирација црпи од важни автори, настани… Неодамна ги создаде фонтовите рацин, илинден… Ја чуваме ли доволно кирилицата, имаме ли добар графички дизајн, ова се дел од прашањата што ги отворивме со Џуровски.

Неодамна го промовиравте фонтот рацин, што кај јавноста предизвика многу восхит. Како се роди идејата за овој фонт?
– Овој проект го работам со големо задоволство, за своја душа што би се рекло, го промовирав деновиве на социјалните мрежи и предизвика извонредно добри реакции. Тоа е проектот „Рацин, изработка на фонт базиран на неговиот ракопис“. Инспирација за овој проект беа Рациновите оригинални ракописи, сочувани во бројни документи кои веднаш го привлекоа моето внимание, пред сè, од типографски аспект, но никако не можев да го занемарам емотивниот момент кој се провлекува низ неговото пишување, поточно начинот на неговото пишување. Конструкцијата на буквите е одраз на неговата моментална емоционална состојба, гледајќи ги неговите букви, без да го читате текстот, во нив можете да забележите радост, болка, разочарување, љубов…
За кратко време фонтот ќе биде завршен и ќе го промовирам финалниот резултат пред македонската и светската јавност. Фонтот рацин ќе биде достапен за преземање по симболична цена за да може да го набави секој кој би сакал во својот компјутер да ја има дигиталната, современа верзија на ракописот на великанот Рацин. Овој проект е само првиот од сличните проекти кои се на мојата агенда за работа во периодот што следува.

На Денот на сесловенските просветители го промовиравте фонтот илинден 903. Прекрасен подарок со многу симболика. Колку време го создававте фонтот и од каде инспирацијата?
– На овој фонт работев околу три години, со чести прекини и нови навраќања на него. Инспирацијата да креирам ваков фонт дојде од бројните типографски написи што ми предизвикале интерес и кои сум ги среќавал на различни места како што се ѕидовите и фреските од македонските цркви, стари икони, стари книги и ракописи и сл. Илинден 903 е всушност моја модерна интерпретација на неисцрпното типографско богатство кое го поседува нашата Македонија, прилагодено на современите потреби на дигиталната типографија.

Вие сте најпосветениот автор на македонски фонтови. Од кога е љубовта кон типографијата?
– Отсекогаш, од кога ја видов првата буква и кога ја прочитав првата книга, буквите ме маѓепсаа. Во таа магија, во тој волшебен универзум со задоволство живеам и творам. Типографијата е интересен свет кој многу суптилно знае да ве натера да се вљубите во него, секојдневно ви нуди нешто ново и онаму каде што не сте ни претпоставувале дека можете тоа да го најдете. Тоа е свет на креативен минимализам чии можности се неисцрпни. Македонските кирилични фонтови се една бескрајна приказна, започната од нашите просветители, браќата Кирил и Методиј, која заслужува со секоја нова генерација да биде надградувана и прилагодена на временските текови. Што би бил јазикот ако не можете да го запишете тоа што ќе го кажете? Зборовите се паметат, но запишаните зборови остануваат како материјални докази да сведочат за науката, за мудроста, за радоста, за тагата, за вечноста… а тоа не би било можно ако ги нема буквите, фонтовите.

Задоволен ли сте колку се користат Вашите фонтови? Сметате ли дека им треба поголема промоција за јавноста да научи да ги цени повеќе?
– Изборот на фонтовите кои корисниците ги употребуваат е сосема индивидуален, многу често тоа зависи од видот на проект на кој работат. Нормално дека сум задоволен кога ќе видам дека се користат мои фонтови. Една работа која ми пречи и морам да ја спомнам е употребата на фонтови со букви кои не припаѓаат на македонската кирилица, во многу случаи во Македонија се користат фонтови со бугарски букви, иако ние имаме свои, македонски, кои се карактеристични само за македонската кирилица и ја прават уникатна и различна од сите други светски кирилични писма. Го спомнав ова без намера никого да навредам или потценам, туку со цел да обрнам повеќе внимание на потребата од нагласена едукација во областа на употребата на македонската кирилица, особено во овие тешки времиња кога сме сведоци на негирање на сè што е македонско.

Можеби некоја промоција и би помогнала, но, не промоција на моите авторски фонтови, туку промоција на македонската кирилица, нејзините карактеристични букви и нивната соодветна употреба. Јас сум задоволен со она што го работам во областа на креирањето фонтови кои поддржуваат македонска кирилица, најбитно од сè ми е тоа што таа работа ме исполнува и ми причинува задоволство. Резултатите од мојата работа се и меѓународно признати, мои фонтови се дел од пакетот на најголемата светска софтверска компанија, Adobe, што ме прави посебно горд.
Се добива впечаток дека свеста кај нас сè уште е ниска и за употребата на кирилицата, особено на социјалните мрежи. Кажува ли тоа колку не си ги почитуваме своите вредности? Како да го подобриме тоа?
– Да, за жал, така е. Не само што кажува, туку гласно одекнува крикот во просторот за тоа наше непочитување на сопствените вредности. Тоа можеме да го подобриме единствено со соодветна едукација за значењето на македонската кирилица и нејзината соодветна употреба во сите сфери на културата и особено на сите медиуми. Едукацијата посветена на кирилицата, на моја голема жалост, отсуствува од програмите на националните установи кои би требало да бидат водечка сила во промовирањето на тие наши уникатни културни вредности кои нè прават, како народ и нација единствени и различни од сите други.

Омоти на многу албуми се Ваше дело. Графички дизајни за постери, манифестации, дури и дизајнот на 200 и 2000 денарката е Ваш. Какво е чувството кога ќе видите свое дело?
– Убаво. Неповторливо. Ако тоа што го работите го работите со љубов и посветеност нормално е да се радувате на резултатот. Дизајнот на банкнотите од 200 и 2000 денари беше неповторливо искуство за мене. Низ процесот на создавање на овие банкноти научив многу интересни работи за начинот на работа во оваа специфична област. Малкумина знаат дека за дизајнот на банкнотите креирав и специфичен оригинален фонт кој е употребен за испишување на микротекстот на банкнотите од 200 и 2000 денари и тој фонт е всушност еден од заштитните елементи против фалсификување на овие две банкноти.
ПРИКАЗНАТА ЗА ТЕРАКОТНАТА ИКОНА ОД 5 И 6 ВЕК ПРЕТСТАВЕНА НА БАНКНОТАТА ОД 200 ДЕНАРИ
На што сте фокусиран периодов?
– Веќе неколку години имам сертификат „Top designer“ во Америка што ми овозможува да работам дизајн на амбалажа за клиенти од целиот свет преку американска компанија која сето тоа го менаџира. Работам на проекти за ексклузивни етикети за алкохолни пијалоци кои ми овозможуваат да го искористам стекнатото искуство од областа на типографијата, илустрацијата и графичкиот дизајн, и секако, претставуваат предизвик за мојата креативност.

Можеме ли да се пофалиме дека имаме добар графички дизајн?
– Да, секако. Македонија секогаш била извор на квалитетни дизајнери. Жал ми е што не можам истото да го кажам за типографијата, поточно за дигиталната типографија, затоа што има многу малку автори кои творат во оваа област, не знам од кои причини. Јас сум отворен за соработка и подготвен сум да помогнам на сите оние кои би пројавиле интерес за проекти кои вклучуваат типографија, со посебен акцент на македонската кирилица.





