Првите релјефни примероци ги пронашле локални жители кои имале свои лозја на Виничкото кале, во шеесеттите години на минатиот век

Старозаветна сцена со претстава на ликовите Исус Навин (Јошуа) и Калеб, претставена на керамичка икона од 5 и 6 век, пронајдена во шеесетите години на Виничкото кале близу Виница е мотивот претставен на банкнотата од 200 денари. Станува збор за сцена од Стариот завет преку која е доловен важен момент од воената историја на Евреите. Иконата е една од колекцијата на керамички релјефи, популарно познати како теракотни икони, кои се единствени во светот.

Првите релјефни примероци ги пронашле локални жители кои имале свои лозја на Виничкото кале, во шеесеттите години на минатиот век. Тогаш биле пронајдени два цели примерока од теракотната икона Архангел Михаил, а подоцна и други фрагменти од други мотиви. Првите археолошки истражувања на Виничкото кале во 1985 година ги спровел Музејот на Македонија под раководство на д-р Коста Балабанов и кустосот-советник Цоне Крстевски. Тогаш биле пронајдени поголем дел од мотивите на теракотните икони. Од некои има и по неколку реплики.

                                                                Фото: Виничко кале / Извор: Youtube

Од иконата Јошуа и Калеб се пронајдени три цели примерока и повеќе фрагменти. На неа е илустрирана една епизода од старозаветната книга за Исус Навин која претставува приказна за воената историја на Евреите. На иконата е прикажан моментот кога тој со божја помош го запира Сонцето над градот Гаваон и долината Елонска, пред да ја извојува најважната и најдраматична победа на Евреите над Аморејците. Од левата страна на релјефот е прикажана фигурата на Исус Навин и лево од него стои натписот FILIUS NAVE (СИН НАВИНОВ), а над неговата глава има натпис HIESU (ЈОШУА – ИСУС). Од десната страна на релјефот е претставена фигурата на неговиот соборец Калеб и до него е испишано неговото име – KALEEB.

Во колекцијата има околу 20 мотиви изработени во калап, од кои 13 се препознатливи и неколку фрагментирани кои немаат доволно елементи за да бидат целосно комплетирани. Тие се единствените ликовни остварувања од ранохристијанскиот период, од крајот на 5 и 6 век во целиот доцноантички медитерански свет.

Виничките икони се уникатни. Теракотни релјефи со христијански мотиви од истиот период се пронајдени и на археолошки локалитети во северна Африка и пошироко во медитеранската област, но не можат да се споредат со тие пронајдени на Виничко кале.

                                                                                       Фото: НБРМ

Виничките теракотни икони долго време беа дел од поставката во Музејот на Македонија. Со отворање на Музејот „Теракота“ во во Виница во 2006 година, изложен е најголемиот дел од колекцијата, со неколку цели експонати и фрагментирани мотиви. Со археолошките истражувања на Виничкото кале од 2008 до 2011 година, музејската збирка е надополнета со  нови непознати мотиви. Во Археолошкиот музеј на Северна Македонија денес се изложени 12 теракоти откриени за време на првите истражувања.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.