Наставата на ФИНКИ ја спроведуваме од 8 до 21 часот на 4 факултети

Управата на Факултетот одржа состанок и ги извести медиумите дека ќе преземат порадикални чекори ако не им се реши проблемот со простории каде би се одвивала наставата

Министерството за образование и наука осум месеци го немаше проследено нашето барање како точка до Владата. По реакција на Универзитетот и Факултетот до Владата, а по средба со министерот Фатмир Битиќи и генералниот секретар на Владата, добивме уверение дека по барањето позитивно ќе биде одлучено и беше поставено како точка на седницата на Влада во февруари, ден пред распишување на претседателските избори. За жал, точката беше одложена за следната седница на Владата, за МОН да ја докомплетира точката со информација за нова локација на БРО. Но, истото се случи и на следната владина седница, кога точката беше повлечена и даден рок од дополнителни 30 дена во кој МОН треба да се произнесе со целосно решение. Овој рок истекува денес, вели во интервјуто за Умно.мк проф. д-р Боро Јакимовски, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Управата на Факултетот одржа состанок и ги извести медиумите дека ќе преземат порадикални чекори ако не им се реши проблемот со простории каде би се одвивала наставата. Јакимовски ги образлоѓува проблемите со кои се соочуваат со години.

Проф. д-р Боро Јакимовски / Фото: ФИНКИ

Управата на ФИНКИ завчера одржа состанок и одлучи ако Влада не најде практично решение за вашиот проблем, почнувате протести и стапувате во штрајк. Образложете ни ја моментната состојба.

– Факултетот изминатите две години ги интензивираше напорите за надминување на просторниот проблем. Од Владата ни беа понудени неколку можности на веќе постојни објекти да се адаптираат за потребите на Факултетот. Скоро една година помина во анализа на можностите, пред сè во насока на соодветноста на предложените простории, но за жал ниту една не беше соодветна за потребите и дејноста на Факултетот. Паралелно на тие активности, Факултетот побара од Владата и МОН да се изнајде краткорочно решение за да се нормализира наставниот процес до обезбедување на трајно решение. Предложивме да се ослободи просторот на Бирото за развој на образование – БРО (кое е сместено во Техничкиот кампус на УКИМ), со што моментално би се ублажила ситуацијата. Истото, Факулетот формално го започна како процес во мај 2023 година. За жал, МОН осум месеци го немаше проследено нашето барање како точка до Владата.

По реакција на Универзитетот и Факултетот до Владата, а по средба со министерот Фатмир Битиќи и генералниот секретар на Владата, добивме уверение дека по барањето позитивно ќе биде одлучено и беше поставено како точка на седницата на Влада во февруари, ден пред распишување на претседателските избори. За жал, точката беше одложена за следната седница на Владата, за МОН да ја докомплетира точката со информација за нова локација на БРО. Но, истото се случи и на следната владина седница, кога точката беше повлечена и даден рок од дополнителни 30 дена во кој МОН треба да се произнесе со целосно решение. Овој рок истекува денес. Изминатата недела, ректорот на УКИМ и јас како декан на ФИНКИ инициравме состанок со МОН за да се информираме за напредокот на МОН во изнаоѓање на решение. Бевме информирани дека МОН сè уште нема решение. Од тие причини Управата на Факултетот, поддржана од целиот колектив и студентите се одлучи на испраќање на соопштение до јавноста.

ФИНКИ е основан пред 13 години. Каква епопеја минува низ годиниве без простории каде би се одвивала наставната дејност? Каде сè се одржува наставата?

– Факултетот својата наставна дејност ја спроведува во просториите на четири факултети, три во техничкиот кампус, и Педагошкиот факултет. Сите простории во кои се одржува наставата на ФИНКИ се адаптирани и реновирани изминатите 13 години од страна на Факултетот со сопствени средства. За жал, поради споделувањето на заеднички простории со другите Факултети, наставата на ФИНКИ се одвива од 8 до 21 часот. Со самото тоа, организацијата на наставниот процес, како и товарот кој паѓа на студентите и наставниците е многу голем.

Уписи / Фото: ФИНКИ

Во комплексот кај Ректоратот на УКИМ (наспроти судовите во Скопје) во 2015 година почна изградбата на објект каде треба да биде удомен ФИНКИ и сопре од низа причини. До каде е овој проект?

– Како што сите знаеме, изградбата на тие објекти е во надлежност на МОН, и истата повеќе од три години е стопирана, не е избрана нова компанија која ќе ја продолжи изградбата, и не се издвојуваат средства во буџетот за истото. Дополнително важноста на градежната дозвола изминува во 2025 година, што дополнително го усложнува процесот на реализација на истата. Факултетот не е оптимист дека тие згради ќе се завршат наскоро, и дека истите ќе ги исполнуваат моменталните потреби на Факултетот. Сепак истите се проектирани според потребите во 2013 година.

Годишните квоти за упис на студенти во прв циклус на студии се над 1.000. Во моментот колку студенти и админстративен кадар има на ФИНКИ, како ја одржувате наставата?

– Новата квота за учебната 2024/2025 година е нешто под 1000 студенти. На Факултетот се вработени околу 100 лица, од кои 80 се наставен кадар и 20 се административен. Дополнително Факултетот, преку програмата за талентирани студенти, годишно избира околу 30 студенти од прв циклус и околу 10 студенти од втор и трет циклус, кои се вклучени во наставниот процес. Истите целосно се финансирани од средства на Факултетот.

Од првиот академски час во 2023/24 година / Фото: ФИНКИ

Каде го гледате најпрактичното решение во скора иднина? И што ако власта не покаже интерес за решавање на проблемот на ФИНКИ?

– Факултетот изминатиот период изгради краткорочна и долгорочна стратегија. Краткорочната стратегија е обезбедување и адаптација на постојни објекти во Техничкиот кампус, што делумно го реализира со адаптација на простор на Машинскиот факултет, но сè уште се чека на обезбедување на дополнителен простор кој го узурпира Бирото за развој на образование. Долгорочното решение за Факултетот го гледаме во обезбедување на модерен објект, кој ќе има соодветен капацитет за остварување на наставниот процес и научно-истражувачката работа на Факултетот. Во таа насока, на состанок на претставници на Факултетот со Владата посочивме неколку можни трајни решенија за факултетот.

Едно од нив, според нас најпрактично и најбрзо решение е откуп на објектот на „Рамстор“ во центарот на градот и негова преадаптација во објект за високо образование. Втора опција е изградба на нов објект во техничкиот кампус, нешто што ќе одземе повеќе години. За жал нема се“ уште напредок во насока на трајното решение. Во однос на второто прашање, мора да нагласиме дека кога зборуваме за ФИНКИ, зборуваме за факултетот кој ги запишува најдобрите матуранти во државата и факултет кој нуди развој на економијата во целост. Немање слух на власта за решавање на проблемот кој го има ФИНКИ ќе значи продолжување на нашата борба, како и досега, за подобрување на условите за работа во моменталните објекти во кои се наоѓаме и обезбедување на средства од надворешни донатори.

Сподели