Проектот „Афро Гитано“, резултат на соработката помеѓу Тони Китановски и Ерик Малу од Киншаса, Конго ќе биде претставен вечерва во 21 часот во „Јавна соба“, во рамките на фестивалот „Светско, а наше“. Албумот е снимен на три континенти во пет земји (Конго, Канада, Франција, Австрија и Македонија). „Афро Гитано“ на композиторско ниво е симбиоза на македонската ромска музичка традиција и музиката на Африка (Конго и Западна Африка). Отворениот концепт овозможува истражувања со други музички стилови, како во случајот со диџеј Гоце и хип-хоп жанрот.
– Вообичаено, поткровјата асоцираат на места каде се складираат чудни нешта, лични работи, битни спомени. Поткровјето во „Јавна соба“ во саботите навечер е резервирано за светска, а наша музика, во една топла и интимна атмосфера каде бендот и публиката од 200 посетители толку лесно се разбираат. Не сме биле сведоци на толку слична атмосфера секоја сабота како на свирките на овој фестивал, редовно има три биса и сплотување на публиката која на крај извикува: Уште! – велат организаторите.
World Music Saturday е мотото на фестивалот „Светско, а наше”, што се одвива во „Јавна соба“.





