„Осетливи ткива“ од Васил Тасевски во Музејот на Македонија

„Осетливи ткива“ насловот на самостојната изложба на Васил Тасевски која денеска во 13 часот ќе биде отворена во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија. Тасевски е мултимедијален уметник, кој живее и работи во Франција. Поставката опфаќа дела изработени на колор фотографска хартија во големи нестандардни формати. Се работи за своевиден сублимат на три претходно реализирани изложби („Спомен од еден лет“,„Границите на бојата“ и „Невидливи градови“) како и на „Загадени пејсажи“, тековен фотографски проект на авторот. Изложбата е во ко-продукција на „Порта27“ од Франција и „Партизанска штампа“ од Македонија, а курирана од Јелена Белиќ.

– Творечкото патување на Васил Тасевски е разнолико и вклучува перформативни и визуелни уметности. Пристапот кон тие уметнички дисциплини (циркус, театар, перформанс, видео, инсталации, фотографија) е, пред сè, експериментален, но и скитнички. Идеите начнати во еден медиум, се трансформираат и со акробатска леснотија преоѓаат од еден во друг, се преплетуваат, се надополнуваат и градат еден посебен визуелен идентитет преку соединување, искуства и преминување на граници. Во „Осетливи ткива“ со растегнување на границите, едно дело опфаќа друго, ја менува неговата структура и учествува во изградба на ново доживување – вели Белиќ.

Васил Тасевски е роден 1984 година во Скопје. Ја открива аналогната фотографија на 14 години, портретирајќи најчесто луѓе, а подоцна почнува да се занимава со акробатските вештини и театар. Во Скопје е дел од перформерската група Fuzz Bubble, основана 1998 година. На 20 години се сели во Франција за да студира циркуски уметности. Своето образование го започнува во Центарот за циркуски уметности „Балтазар“ (Монпелие, Франција), а го завршува во Националниот центар за циркуски уметности (Шалон-ан-Шампањ, Франција). Магистерски студии по современата уметност и нови медиуми завршува во Ле Френуа – Национално студио за современи уметности (Туркуан, Франција). Во 2008 година, заедно со Марион Коле и Матје Гари, го основа уметничкиот колектив „Порта27“. Изложбата ќе биде отворена до 13 април.

Сподели