Дита Старова Ќерими е вистински пријател на Италија и вреден менаџер во културата

Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија денеска го доби признанието „Витез на Редот Sвезда на Италија“, што на отворањето на изложбата посветена на италијанскиот дизајн, ù го врачи Н.Е. Андреа Силвестри во Чифте амам. Орденот го доделува претседателот на Републиката за воспоставување и негување на лични и професионални релации со Република Италија, продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а на предлог на министерот за надворешни работи.

Ordine della Stella d’Italia е одликување воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.

– На страна на тоа што го работи вредно, тaa е вистински добра личност и вистински пријател на нашата земја. Се радувам што претседателот на Италија, Серџо Матарела, го прифати мојот предлог на Старова Ќерими да и’ биде врачен овој орден. Ова е благодарност од Италија за придонесот во зближувањето на двете култури, но и за целосно успешната кариера како културен менаџер – истакна амбасадорот Силвестри.

Старова-Ќерими четири пати беше комесар на националниот павилјон на престижниот светски саем на уметноста – Венециско биенале и добитник на наградата „13 Ноември“ во 2019 година за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.

Соработката меѓу италијанските и македонските културни сили означува значаен чекор кон интегрирање во рамките на уметноста, меѓународниот дизајн и модата. Овој март, италијанската Амбасада во земјава, заедно со ITA – Италијанската трговска агенција, ја заземаа културната сцена со долгоочекуваните денови на италијанскиот дизајн. Настанот, кој годинава е под мотото „Создавање вредности: инклузивност, иновации и одржливост“, ветува дека ќе ја спои безвременската елеганција на италијанскиот дизајн со практиките за одржливост што го тераат светот да размислува напред.

Чифте амам e локацијата на свеченото отворање на Деновите на италијанскиот дизајн со мастерклас на познатиот италијански дизајнер на играчки Лука Боскардин. Неговата евокативна гостувачка изложба од Музејот за дизајн ADI е посветена на 140-та годишнина од првото издание на Пинoкио, прикажувајќи ги проектите што го толкуваат наследството на „Авантурите на Пинокио“ преку модерната визура на дизајнот.

Националната галерија е првата дестинација откако Музејот за дизајн ADI на италијанската публика ја понуди можноста да ужива во поставката, во периодот од 30 ноември 2023 година, па сè до 4 февруари годинава. По 28 март овој исклучителен проект заминува за Сан Франциско, САД.

– Овогодинешната тема длабоко резонира со нашата посветеност за промовирање дизајн кој ја вреднува инклузивноста, иновативноста и особено одржливоста. Чест е да се соработува со вакви ценети партнери за да се оживее оваа визија. Упатуваме топла покана до сите ентузијасти на модата, дизајнот и одржливоста да ни се придружат во ова уникатно културно искуство кое ја слави италијанската извонредност и го отвора патот за позелена иднина во дизајнот и модата – стои во изјавата на организаторот.

Сподели