Швајцарскиот „Блех-музика“ ја отвора Неделата на франкофонскиот филм во Скопје

Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со aмбасадите на Швајцарија, Романија, Белгија, Албанија, Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар, Амбасадата на Грција и Кинотеката, и годинава ја организираат традиционалната Недела на франкофонски филм во знак на одбележување на месецот на Франкофонијата. Неделата ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Кинотеката со проекцијата на швајцарскиот филм „Блех-музика“ на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал, од 2019 година.

Настанот официјално и со пригодни говори ќе го отворат: Н.Е. г-дин Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција и Н.Е. г-ѓа Вероник Хулман, амбасадорка на Швајцарија. По проекцијата на филмот, ќе следува посета на изложбата на македонската уметница Јана Манева-Чупоска и коктел.

На 16 март во 18 часот ќе биде прикажан бугарскиот филм „Бескрајна градина” на Галин Стоев (2017), а два часа подоцна – романскиот „Слобода” на Тудор Гиуригу (2023).
Албанскиот филм „Делегација“ на Бујар Алимани (2018) ќе биде прикажан в понеделник во 20 часот. На 19 март (20 часот) следува проекција на македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска (2022).

На 20 март следува францускиот „Дивертименто” на Мари-Кастиј Мартијон-Шар (2023), еден ден подоцна – белгискиот „Љубезните” на режисерот Оливије Ранже (2022), а Филмската недела ќе биде затворена со грчкиот „Ефтихија“ на режисерот Ангелос Францис (2019).
Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за филмовите од нефранкофонско говорно подрачје обезбеден е и превод на француски јазик.

Влезници за проекциите се резервираат и се подигнуваат во Кинотеката.

Сподели