Годинава ќе добиеме ново креативно место што ќе ја обележи македонската современа музика, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска при посетата на објектот што се реновира и ќе стане дом на Џез оркестарот.
– Нашата цел е да ги зачуваме талентираните џез-музичари дома, да им овозможиме траен и одржлив ангажман, да им создадеме услови за нивна промоција и негување на џез-културата на територијата на целата држава. Уверена сум дека овој простор ќе стане ново креативно место што ќе ја обележи македонската современа музика – изјави министерката за култура.

Со ова трајно ќе се реши просторното прашање за новата национална установа, Џез-оркестарот.
Министерката за култура, која денеска изврши увид на просториите на Националниот џез-оркестар, заедно со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, директорот на „ТАВ констракшнс“, Фатин Кан, и претставници на Националниот џез-оркестар.

– Џез-оркестарот секојдневно ја потврдува важноста на своето постоење, ги оправдува очекувањата и го потврдува реномето на репрезентативен музички ансамбл кој ја афирмира македонската култура во државава и надвор од неа – рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура информираше дека на околу 500 квадратни метри ќе имаме најсовремени услови за работа на Оркестарот, со просторија за проби, магацини за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија и сето она што е неопходно за квалитетно творештво. Со проектот, како што додаде Костадиновска-Стојчевска, комплетно се реновираат подните и ѕидните површини и плафоните, а се поставува и нов систем за ладење и греење.
Таа додедаде дека откако Џез-оркестарот со одлука на Владата доби трајна адреса, со друга одлука на Владата беа обезбедени 10 милиони денари, средства од ТАВ-програмата, за целосно реновирање на просторот во достоен „дом на џезот“.





