Денот на жената, 8 Март, е убав повод да се скицира заеднички профил на овдешните старици. Како тие го имаат изодено својот животен пат? Која им била главната идеја водилка? Имаат ли чувство дека можеле и повеќе и подобро да не биле третирани токму како жени во примарното семејство, во бракот, во општеството?
Пишува: Љ.Б., Дом „Софија“, Битола, соба 210
Оној ваш стар родител за кој ќе треба да решите како да го згрижите кога еден ден ќе остане сам, најверојатно ќе биде вашата мајка. Имено, жената и кај нас, како и во многу други култури, по правило влегува во бракот помлада од мажот, се бави со помалку опасни занимања, поретко се впушта во ситуации ризични по здравјето и статусот (физички конфликти, пушење, алкохол и сл.) и најбитно, иако од аспект на физичката сила е „понежниот пол“, според науката, таа е генетски помоќна, па оттука и подолговечна.
Тука е одговорот зошто домовите за стари лица, иако не се делат на машки и женски – што инаку е случај со другите институции со систем на колективно живеење како интернатите, санаториумите, манастирите, затворите итн. – сепак оставаат впечаток на некаков женски ареал.
Таков впечаток остава и битолскиот дом за стари лица „Софија“. Во неговиот двор што се протега под самото брдо Тумбе Кафе, можете да сретнете, во убав ден, цели мали поворки од жени на прошетка. Тука бројот на згрижените жени во однос на згрижените мажи, со повремени минимални промени, изнесува 5:1.
Пред нас е значи, еден мал свет на жени, сите во трето доба (старосниот просек е 75-85 години) и според певливиот говор, сите се од нашиот југозападен регион, пред сè од Битолско. А бидејќи ова е традиционално иселенички регион, а престојот во добар дом чини добри пари, јасно е дека ова се, скоро без исклучок, мајки и баби на наши иселеници од Австралија, Америка, Канада, Германија, кои останале тука откако младите им заминале, или и тие на времето отишле па се вратиле, откако им помогнале работејќи или чувајќи им ги децата, да удрат темели на својот нов живот.
Денот на жената, 8 Март, е убав повод да се скицира заеднички профил на овдешните старици. Како тие го имаат изодено својот животен пат? Која им била главната идеја водилка? Имаат ли чувство дека можеле и повеќе и подобро да не биле третирани токму како жени во примарното семејство, во бракот, во општеството?
Времето на нивното моминство се совпаѓа со првите две децении од победата над фашизмот и изградбата на социјалистичко општество на нашите простори, што значи дека тие созревале во општествено опкружување кое на идеолошки и нормативно-правен план ги афирмира и гарантира сите граѓански женски права. Но, се знае, концептот на живот, особено во руралните средини, каска зад општествените промени, па овие девојки во однос на своите браќа биле дотолку рамноправни што и ним им било овозможено да го завршат осумгодишното (впрочем – задолжително!) школување. Еден дел од нив продолжува во средна школа, ама само 4-5 на факултет.
Какви биле нивните активности надвор од школото? Само една, битолчанка, учествувала во спортски натпревари, и друга, во школскиот хор. Младешкиот живот на повеќето од селата се одвива под геслото: „Добра мома, седи дома“! Со мали исклучоци, дури и некои од градските девојки го паметат својот татко како строг контролор на нивното движење и дружење. „Не ме пушташе на матурската вечер! Дури последниот ден ми сошија некаков фустан, откако по наговор на една постара роднина татко ми одвај попушти“ – раскажува битолчанка, тогаш ученичка во Mедицинското училиште. Можела да проследи по некоја филмска проекција, но само со група од класот и тоа во попладневните термини (од 17 часот). Но, за проекцијата на „Тихи Дон“ (прецизно се сеќава таа), ù отстапил карта пријател на познаник, кој ја загледал, наскоро отишол кај нејзините на разговор дома, а кога се видело дека татко ù не му е наклонет, таа заминала кај него, бегалка. Имала 18 години.
Тоа е пресудната возраст за мажачка скоро кај сите што покажаа спремност да говорат за својата младост. Ако помислиме на „големата слика“ во која се сместени нивните прикаски, тој факт навистина прави впечаток: Ова е време кога на Запад „Децата на цвеќето“ ја поведуваат познатата „Сексуална револуција“ односно му контрираат на севкупниот општествено-политички и културен модел, промовирајќи „слободен сексуален сообракај“. Во истото тоа време, прочуеното тогашно битолско шеталиште – корзото – претставува дисциплирана, јавно контролирана форма на машко-женските контакти. Ретко која од нашите соговорнички влегла во макар кратки, поинтимни средби со оној за кого се омажила. Одлуките се донесувале експресно. „Се омажив само по дваесет дена откако се запознавме“ тврди една. И таа имала штотуку наполнето 18 години, за да роди на 19. Ама една друга била уште побрза: рекла „да“ само неколку часа откако се запознала со својот иден сопруг, и тоа сред поголемо друштво! Ама ова се случувало вон родното местото, на плажа во Охрид, а тој имал „силна става и плави очи“! И, што друго можела, освен да го прими прстенот што тој пред сите го симнал од својата рака и да започне живот со него кој траел ……..67 години!?!
Ова се чини е еден преломен период во шемата на бирање брачен партнер на нашите простори. Некогаш, особено во градските средини, семејствата, често потпомогнати од еден вид специјализирани „агенти“ – проводаџики, дискретно работеле на пронаоѓање најкомпатибилни комбинации за заеднички живот на младите стасани за брак. Денес децата и внуците на овие жени воглавно имаат востановено модел на повеќегодишно предбрачно партнерство. Какви се генерално искуствата на нашите соговорнички кои, за разлика и од едните и од другите практики, така импулсивно влегувале во брачните води?
Ако помислите дека сигурно е голем процентот на оние кои брзо увиделе дека избрзале, еве изненадување! Навистина, треба да се има извесна резерва, оти можеби се работи за идеализација на сопствената младост и за потребата да се оцени позитивно сопствениот живот, но како и да е, во бележникот на испитувачот останаа позитивни, дури и носталгични искази за бракот:
„Убаво живеевме, беше душа од човек“, изјавува една.
„Ми беше другар, си верувавме. Оставаше јас да раководам со парите, од мене земаше кога излегуваше“ – вели друга, поранешна службеничка – „Три години за него носев црнина“…
Трета објаснува како дошле до тоа да им се родат пет деца: „Љубовта е оган, не може мирно да спиеш еден до друг“!
Извесна критичност има во некои општи искази, во смисла: „Мажите бргу-бргу се преженуваат кога ќе останат вдовци, а жените не, тие повеќе се разочаруваат“. Зошто? – „Па мажите се себични“; „Сакаат да ги држат уздите, се мислат попаметни“… ама како противтежа на ова се спомнува и оној прастар метод на жената, по заобиколен пат да си го наметне своето: „Треба да умееш да му се пикнеш под кожа“. Корисни се и малите поттици на машка љубомора, ама строго дозирано, „да не се стори пекол“!
Какво и да било искуството во бракот, за сите важи исказот: „Додека има маж, жената е покриена“. Разведената „ќе најде мир, ама е на удар“. Ова го констатира и една која „летала како птица“ дента кога го раскинала бракот од којшто излегла во својата 23-та година, со исклучително мачно искуство: за 5 години, 2 деца и 7 абортуса („не сакаше да води сметка за здравјето на мајката на сопствените деца“), манипулации („го издржував во текот на неговите студии кои никогаш не ги заврши“), насилство („ќе се завртеше и ќе ме плеснеше преку лице ако бебето ноќе го разбуди“), неверства („и со жени, и со мажи“)… Никогаш не се премажила, се определила за долготрајна „скришна“ врска со женет човек. Но, ова е сведоштво за едно издвоено, екстремно лошо искуство.
Најголемиот дел искази на нашите соговорнички оддишуваат со убеденост дека, вака или онака, поволно ја заокружиле приказната за својот живот. Но, се добива впечаток дека нивнатa женска приказна се разминува со идејата за родовата еднаквост како општествена категорија. Заложбата на жените борци за работнички и граѓански права низ поблиската историјата како да не им прави впечаток. Впрочем, одвај една-две прославата на 8 Март ја поврзуваат со подвигот на тие жени, околу чии имиња и не се сигурни. Изненадува исказот од типот: „Зошто се празнува 8 Март? Па… и жената да има свој ден!“ Значи, ден за оддишка, кога ќе се излезе од кујната, ќе се оди на мало ѓезме или на евтино туристичко патување, ќе се добие каранфил од колегите и евентуално од сопругот и трогателна честитка што детето ја нацртало на училиште (очигледно спојување на овој празник со Mother’s Day). Вестите за стагнирањето на некои права на жената и во современите високоразвиени земји, катастрофалната положба на милиони жени во некои земји на Азија, Африка, Блискиот Исток, не е тема што го вознемирува духот на нашите, инаку неуморни гледачки на ТВ програмите.
Не дека тие во својот живот не биле жени-борци! Работата е во тоа што тие битката за својата посакувана позиција во светот ја фокусирале еднодимензионално – исклучиво во сферата на приватниот живот, со силно и хармонично семејство како врвен идеал.
Првиот услов за успех во таа битка е во врската со мажот и неговото семејство, да се влезе достојно, „недопрена“, со што се гарантира чистотата на новата семејна лоза (некој злобен тука ќе коментира: барем за првото дете). Исполнување на овој услов успешно е спроведувано низ домашното воспитување. Потоа следуваат докази на целосна припадност и лојалност кон новото семејство. Така, младата невеста нема да го задржи своето моминско презиме или да направи некаков компромис, па на своето да го додаде презимето на мажот, иако по закон има право на тоа. Ама зошто ѝ е тоа, размислува таа, кога веќе и нејзиното лично име полека паѓа во сенка на неговото, нели таа сега, особено за постарите, е Ристеица, Василица? И зошто да не го отстапи својот дел од наследството од родителите во корист на своите браќа, кога истото ќе го сторат и нејзините золви во корист на мажот ѝ? И зошто да не очекува снаата од братот да се грижи за нејзините стари родители, кога таа самата е спремна „да ги дочува“ свекорот и свекрвата кои и онака од првиот ден ги вика „мамо“ и „тате“? Дека е чест анимозитетот кон снаата, тоа е веќе фолклор, но располагаме и со искази кои говорат за успешно вклопување во новото семејство: „Свекор ми ме почитуваше. Јас го дочував. Јас реков да му се даде неговото име на првиот син“. За тоа дека таа лојалност вродува и со плод говорат и слики од Домот: На една корисничка од Битола ќерка ù е во Австралија, ама таа постојано околу себе има расприкажани посетителки дојдени сосе деца, и сите ѝ се обраќаат со „вујно“!
Вториот фокус кон којшто била насочена нивната животна борба е благосостојбата на семејството. На ова се работело беспоштедно. Една од полето кратко објаснува како успеале да стекнат солиден имот: „Работев тутун!“. Друга, иако родум од градот, по мажачката почнала да чува овци и кози на блискиот имот и да произведува млечни производи, а кога рано останала вдовица, го прифатила местото на починатиот сопруг во неговото претпријатие и станала – касап! Не се штеделе ни оние кои заминале во странство, ако треба, ќе се работи и прекувремено, и на две-три места. Колкава вредност за нив претставува успешната печалба, говори следниот исказ: „Син ми и снаа ми немаат деца, Господова работа. Ама им велам да си земат, да си исчувааат некое. Каде ќе одат четирите куќи во Австралија?“ Дали им бил полежерен животот на оние неколку високообразовани кориснички (лекарка, економистка, правничка, професорка….) кои тука останале се’ до пензија? На прашањето дали земале учество во некакви органи на управување или какви било општествени активности, тие одговараат: „Ангажмани вон службата? Па, чистење, перење, пеглање, пазарење, готвење, зимници, грижа за децата, за старите…“
Приказната за животниот пат на стариците од Дом „Софија“ иако носи некои надворешни белези на времето и средината, по својата најдлабока суштина, одамна е раскажана – уште на страниците на Библијата. И за нив, како и во нагласено патријархалниот Стар завет, животниот долг на жената и фокусот кон кој се насочени сите нејзини други усилби е да роди и исчува деца; дали машко или женско, „не е битно“ – се изјаснува една – „прстите на раката подеднакво болат“. Па сепак истата кажува дека на ќерката и зетот им помогнала за градење куќа, а на синот му подарила куќа. И внучињата – од чии фотографии на мобилните телефони им насолзуваат очите, овие старици без да забележат ги делат на „нивни“ – на сватовите, и на „наши“, од синот.
Во еден Псалм на Стариот завет вака е опеан долгиот и среќен живот на праведникот: „И ќе ги видиш синовите на синовите твои“.
Честитајќи им го 8 Март на драгите старици од Дом „Софија“, да им посакаме, синовите и синовите на нивните синови што поскоро и во стварност да си ги видат!





