Сакаме да направиме разлика и да зборуваме за жените што деноноќно придонесуваат во заедницата. Секоја од овие жени е инспирација, рече евроамбасадорот Дејвид Гир
Пишуваат: Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска
Седум инспиративни жени кои со својата работа го подобруваат животот во својата заедница беа претставени денеска во Националната опера и балет, на манифестацијата „Европска жена на годината“ за 2024 година, што ја организираше Делегацијата на Европската Унија. Петмина амбасадори, претставник на Европската инвестициска банка и на Обединетите Нации, ги промовираа жените номинирани за наградата: Далиборка Златева, директорка на Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, Ана Витанова-Рингачева од Струмица, професорка на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“, Елмедина Абдулахи, раководителка на библиотеката при Универзитетот „Макс ван дер Штул“ од Тетово, адвокатката Катерина Котеска-Стисниовска, специјализирана во семејно право од Битола, Мариа Дуда Дибиаџо од Крива Паланка, пионер на хипотерапијата и терапија со коњи кај лицата со попреченост и новинарката Алмира Фасљии Муарем, активистка за правата на Ромките од Скопје и каратистката Греса Мустафаи од Струга. Европските жени беа избрани од седумте градови каде што работат „Јуроп хаус“ во Северна Македонија.

Дејвид Гир
„8 Март е ден кога ги славиме достигнувањата за родова еднаквост, кога жените често добиваат цвеќе, а мажите зборуваат за правата на жените. И не многу работи се менуваат. Сакаме да направиме разлика и да зборуваме за жените што деноноќно придонесуваат во заедницата. Секоја од овие жени е инспирација. Да учиме од нив“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.
Луѓето со попреченост заслужуваат да се еднакви
Росана Дуџиак, постојана координаторка на Обединетите Нации ја сретнала Далиборка Златева пред две години во градина додека работела. Поради нејзината активност со луѓе со попречености и други ранливи категории, Златева за нив била вистинскиот кандидат за наградата.

Далиборка Златева и Росана Дуџиак
Далиборка вели дека хуманост е зборот што најдобро ја опишува, како и човечноста, добрината, упорноста, бестрашноста да им се помогне на луѓето од ранливите категории во нивната инклузија и социјализација.
– Немаше да бидам ова што сум денес да не беше син ми Мартин, дете со попреченост, кој веќе не е со нас. Тој ми дава сила да се борам да го сменам светот, зашто луѓето со попреченост заслужуваат да се еднакви – вели Златева.
Таа им помогнала на повеќе од 400 луѓе непречено да се интегрираат во општеството.

Далиборка Златева и Дејвид Гир
Биби Грамсон, заменичка на амбасадорката на Шведска, ја претстави Ана Витанова-Рингачева како активна промоторка на македонскиот јазик, литература и култура, жена која интензивно работи со младите, се бори за слобода на говорот и родовата еднаквост. Тоа се постулати кои се исклучително значајни за шведското општество. Витанова-Рингачева себеси се опиша со зборот споделување и одржа инспиративен говор што силно допре до публиката.
– Ја работам најблагородната професија на светот – професор. Да се биде учител е љубов, тоа е живот. Споделувам знаење за македонскиот јазик кој ѝ припаѓа на најпитомата европска цивилизација – словенската. За мене не постојат мали и големи јазици, како што не постојат мали и големи држави – рече Витанова-Рингачева и заврши со цитат на Блаже Конески: „До каде што сум ја пренесол мојата љубов, дотаму е мојата татковина“.

Ана Витанова-Рингачева
Според шведската амбасадорка Ами Ларсон Јаин, за жените и девојките да заземат целосна улога во нашите општества и нашите општества да го достигнат својот целосен потенцијал, треба да се справиме со структурните прашања што спречуваат жените да имаат активна и суштинска вклученост.
„Од клучно значење е да се примени холистички пристап кој ги покрива прашањата за инклузија, законодавство и политики. Важно е да се решат структурните бариери кои ги спречуваат жените да имаат активна и клучна улога во општеството. Не се работи само за воведување одредени квоти за жени во парламентот или во управниот одбор на компанијата. Станува збор за тоа жените да бидат економски зајакнати, за вклучување на родовите аспекти во главните политики, и родово одговорно буџетирање, за борба против насилството врз жените и за искоренување на сите форми на дискриминација, како и за справување со стереотипите“, вели Ларсон Јаин.

Со граѓански активизам сменивме многу
Алмира Фасљии Муарем е активен член на граѓанскиот сектор и менаџер на Младинскиот центар на ХЕРА, „Сакам да знам“ во Шуто Оризари. Нејзиниот професионален живот е фокусиран на активизам и борба за правата на Ромките, но и на ромската заедница во целост.
„Кога ја сретнав во Шуто Оризари, бев импресионирана од нејзината посветеност и определба да ја подобри ситуацијата на жените во општеството, особено на Ромките. Ми покажа како со личен пример може да се постигне успех во целата заедница“, рече Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија во Северна Македонија.

Алмира Фасљии Муарем
Алмира себеси се опиша со зборот жена-борец. Често ја прашуваат која предрасуда е најштетна кај ромската популација.
„Има многу проблеми, но најголеми се системската дискриминација поради која многу Роми живеат на прагот на сиромаштијата. Во Општина Шуто Оризари 10 години немаше гинеколог. Со граѓанскиот активизам придонесовме да се сменат многу работи“, вели Фасљии Муарем.

Фасљии Муарем и Петра Дрекслер
Бјорн Габриел, шеф на претставништвото на Европската инвестициска банка кога ја запознал Мариа Дуда Дибиаџо, претприемничка од Ранковце, бил импресиониран од нејзината храброст, досетливост и претприемништво. Нејзин фокус е да вработува жени со помалку можности и е пионер на хипотерапија и терапија со коњи кај лицата со попреченост. Тој смета дека патот кон родовата еднаквост е сè уште долг – исто така во рамките на ЕУ – но многу може да се научи од напредокот постигнат низ земјите-членки.
„Ова вклучува политики кои промовираат родова еднаквост во пристапот до образование и финансиски ресурси, воспоставување програми за менторство за жени претприемачи и поттикнување на иницијативи за различности во приватниот сектор. Секогаш треба да се потсетуваме дека делувањето за родова еднаквост значи дејствување за зајакнување и целосно учество на жените и мажите во сите аспекти на животот“, вели Габриел.

Бјорн Габриел и Мариа Дуда Дибиаџо
Мариа себеси се опиша со зборот храброст, алудирајќи на одлуката од Њујорк да се врати дома и да влезе во фармерството што е доминано машка дејност.
„Со преобразба на злоупотребувани животни им помагаме на луѓето со попреченост да ја подобрат својата здравствена состојба. Се надевам дека ќе инспирирам и други жени да го следат мојот пример“, рече Дуда Дибиаџо.

Секогаш достапни за сите
Катерина Котеска-Стисниовска оставила голем впечаток во целиот тим на шпанската амбасада. Таа се занимава со професија што на сите нас некогаш ни притребува во животот.
„Нема да ви се верува дека телефонот постојано ѝ ѕвони, а таа е достапна за секого. Таа не е само адвокат, туку инфлуенсер за сите ранливи категории, особено специјализирана за семејно право, семејно насилство и родово-базирано кривично право“, рече амбасадорот на Шпанија, Жосе Луис Лозано Гарсиа.
Имајќи го предвид претходното искуство на Шпанија за родова еднаквост во Латинска Америка, тој верува дека зајакнувањето на жените на локално ниво е клучно.
„Исто како и учеството на жените во социо-економската сфера. Жените ќе напредуваат само преку вистинска економска независност и одвојување од нивните традиционални улоги како неплатени негувателки. Така и самата земја ќе може да го искористи својот целосен потенцијал на нејзиниот пат кон ЕУ“, вели Гарсиа.

Катерина Котеска-Стисниовска и Жосе Луис Лозано Гарсиа
Котеска-Стисниовска неодамна го добила предметот за битолската „Јавна соба“ во кој жена беше изложена на срам со јавно објавување на интимни фотографии за кои преживеа голгота како предмет на јавен потсмев. Катерина себеси се опишува со зборот бестрашна. Таа им порача на сите жени да бидат бестрашни, да се борат и да ги остваруваат своите и правата на најблиските.
„Оваа награда ја посветувам на сите жртви на семејно насилство, што успеале да излезат од тој лавиринт. Победете го стравот“, рече Котеска-Стисниовска.

За амбасадорка на Грција, Софиа Филипидоу, Елмедина Абдулахи одиграла клучна улога во лобирањето за заштита на животната средина во Тетово. Таа ја опиша како незапирлива, а нејзината волја да помогне на заедницата донела конкретни резултати за намалување на респираторните заболувања особено кај децата.

Елмедина Абдулахи
Абдулахи себеси се опиша со зборот љубов – кон луѓето, животот, природата, а особено за децата.
– Љубовта е најголемата енергија, што ве прави незапирливи. Таа е најдобрата терапија. Чест ми е што сум со сите овие храбри жени кои со својот напор направиле големи дела во општеството – рече Абдулахи.

Елмедина Абдулахи и Софиа Филипидоу
Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер ја претстави каратистката Греса Мустафаи. Таа е најмлада од сите номинирани жени, девојка со позитивна енергија и дух и ги мотивира младите не само во Струга, туку во цела земја. Младата спортистка рече дека нејзини особини се сила, искреност и храброст. Таа им порача на младите да бидат силни и да не се плашат да направат нешто ново.

Грегор Прескар и Греса Мустафаи
Денешниот настан беше завршница на повеќедневната кампања што Делегацијата на ЕУ ја спроведува втор пат како дел од пристапот #TeamEurope со земјите-членки на ЕУ и за прв пат оваа година со седум Јуроп хаус низ земјата.






