Фестивалот „Ех, таа серенада“ објави конкурс за нови песни

Културниoт и информативен центар од Битола објави конкурс за избор на 16 нови композиции за потребите на 2. издание на Фестивалот на битолската серенада „Ех таа серенада” 2024. Композициите треба да се во согласност со досегашните принципи на компонирање на музика и пишување на текстови во корелација со староградската музика, со потенцирање на битолската серенада како основен уметнички израз.
Сите варијации и иновации на оваа тема се добредојдени за збогатување на квалитетот на оваа музичка форма.

– Музичките дела ги очекуваме како демо снимка во mp3 формат, аплициран текст, и/или нотен запис на мелодиската линија со запишани акорди на нашата електронска адреса serenadakicbt@gmail.com. За изборот на композициите неприкосновено право при селектирањето и изборот на делата има комисијата назначена од КИЦ Битола – велат организаторите.

Избраните музички дела ќе бидат хонорирани со по 12.000 денари за текст, за музика и за аранжман. Изведувачите ќе добијат хонорар од 5.000 денари.
Во корист на квалитетот на фестивалот, организаторот има право да нарача одреден број композиции кај докажани автори, и ја задржува целосната контрола врз аранжманите, поради тоа што музичкиот настан ќе се изведува во живо со оркестар, со професионални музичари кои имаат искуство и знаење да одговорат на предизвикот.

Фестивалот „Ех таа серенада” ќе се одржи во Офицерскиот дом – Битола на 11 јули.
Конкурсот ќе биде отворен до 15 април, а до 15 мај ќе бидат објавени и резултатите.

Сподели