Да ја промовираме толеранцијата градејќи праведно општество

Од суштинско значење се заедничките напори за спротивставување на дискриминацијата меѓу младите во сите нејзини форми, да се препознае вредноста на различноста и да се промовира инклузија и толеранција градејќи праведно и рамноправно општество – ова се заклучоците од вчерашната панел дискусија што се одржа во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Дискусијата, што се организира по повод глобалниот Ден на нулта дискриминација, ја отвори градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Овој настан имаше за цел да промовира различност, толеранција и инклузија. Градот Скопје со скопските средни училишта континуирано работи на подигнување на свеста за негативните ефекти од дискриминацијата, како и за реализација на мерки и активности за инклузивност во училиштата.
На вчерашната панел дискусија учествуваа скопските средношколци, стручни лица, експерти, училишните психолози и педагози, директорите на училиштата кои дискутираа за организацијата на средните училишта во насока на превенција од дискриминација.
На настанот се разговараше и за видовите на дискриминација со кои се среќаваат учениците, како и за последиците односно за чувствата на учениците кои се изложени на дискриминација. Заклучоците од панел дискусијата беа во форма на мерки за заштита од дискримнација, со акцент на правните механизми за заштита, а се одржа и отворена дискусија со учениците.

Сподели