Изложба на фотографии за Пелистер под отворено небо на Ротинско Езеро

Изложбата на фотографии „Дали сте подготвени за Пелистер?“ ќе биде отворена денеска во 12 часот на Ротинско езеро во селото Ротино. Фотографиите се резултат на работилницaта под менторство на Љубомир Стефанов, која се реализираше во октомври минатата година. Стефанов, ко-автор и режисер на македонскиот филм „Медена земја“ номиниран за „Оскар“, го започнал своето фотографско патување пред многу години, токму на Пелистер.

– Неговата страст за планинска фотографија е заразна и неговото менторирање отвори еден нов свет кон планината. На оваа необична изложба на отворено, повеќе од 10 талентирани фотографи ќе ги изложат своите визуелни приказни за Пелистер – велат организаторите, Преда Плус Фондација.

Ротинско Езеро, со својата уникатна природа и чист воздух, претставува вистински магичен бисер под Пелистер. Ова идилично место не само што нуди уникатно доживување за почитувачите на природата, туку идеално се вклопува како платформа за организирање на нашата изложба на фотографии.

– Работилницата беше неверојатно искуство за сите учесници. Се гордееме што успеавме да ја организираме оваа работилница, пренесувајќи ги уметничките тајни и техники на еден толку искусен и талентиран фотограф како Љубомир. Веруваме дека оваа иницијатива не само што ќе ги биде впечатлива за посетителите на изложбата, туку и ќе биде потсетник за потребата од подигнување свеста за уникатните туристички можности на Пелистер. Проектот не завршува со изложбата. Напротив, следуваат низа активности што ќе поддржат подобрување и промовирање на туристичката понуда на Пелистер – истакнуваат од Преда Плус Фондација.

Дамјана Ристевска, учесничка на изложбата вели дека допрва влегува во водите на фотографирањето и се труди да учествувам на секоја работилница, проект или нешто поврзано со фотографијата.

– Сакам да научам што повеќе, па работилницата со Љубомир беше вистинското нешто. Ова беше неверојатно искуство што го збогати моето знаење за фотографија и го поттикна уште повеќе моето креативно љубопитство. Љубомир не само што е извонреден фотограф, туку и искусен предавач кој на лесен и уникатен начин ја пренесува својата страст и техничко знаење. За фотографирање мене барем ми беше лесно бидејќи темата е Пелистер, а јас го сакам Пелистер. Што и да се фотографира таму ќе изгледа убаво. Со нетрпение чекам моите фотографии да ги претставам пред публиката – вели Ристевска.

Целото визуелно искуство на отворено ќе биде дополнето со магична атмосфера и топли напитоци од мезе-барот „Јагода“ и музика со DJ FICHI. Проектот се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Сподели