Волшебно со Дуке, Крсте, Исмаил! Да не чекаме девет години за следна средба!

Меѓу уметници што настапуваат заедно мора да постои убава енергија, врзивно ткиво што ќе ги направи едно битие на сцена. Да дишат како еден организам. Таква љубов на сцена доживеавме синоќа (а и публиката на првиот концерт завчеравечер) на настапот на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски на сцената на Филхармонијата. И веројатно не бевме свесни колку ни недостигале тројцата заедно, посебно по фактот дека ни доаѓаат дури после девет години.

Секој виртуозен и посебен на свој начин, во речиси двочасовниот концерт нè поведоа низ звуците на традицијата, на по некои од подзаборавените песни на нашите баби и дедовци, но изведени во нивен автентичен начин. Видно возбудени дека се пред македонската публика, се чини невозможно беше таа убава енергија да не се пренесе и на гледалиштето. Започнаа со „Дом“ од филмот „Војната заврши“ на Митко Панов, слушнавме композиции од „Сон. Верба. Љубов“, од саундракот на „До балчак“…

Интересно е колку никој од нив во ниеден момент не доминираше пред другите, без разлика дали беа во прашање пијаното на Дуке – тој сигурен пријател-стожер на секоја композиција, виртуозните соло-изведби на Исмаил или вокални на Крсте. Додека го слушате бравурозниот Лумановски на кларинет, имате чувство дека слушате повеќе инструменти во еден – зурла, обоа…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Umno.mk (@umno.mk)

Почитта што ја покажуваат еден кон друг ги прави токму тоа – совршен музички организам. Едно е факт, нема поубаво чувство кога не сте заборавиле од каде сте дошле. Тројцата веќе повеќе од две децении успешно градат кариери во Америка, но и на други места, но не заборавиле од каде пошле и што со себе понеле. Или како што Крсте се пошегува – „Јас сум селанец“.

Благодарни за подарената љубов, музичките уметници со два биса ја почестија публиката која до последно столче ја наполни Филхармонијата.

Концертот на Дуке, Крсте и Исмаил беше од оние за кои ви недостигаат зборови за да доловите какво било, тоа се доживува и не се прераскажува. Само си посакувате почесто да ја имате можноста да им бидете публика и да свират дома.

Сподели