Елена Митревска, хор мајстор во Операта во Малме: Правата, квалитетот и трудот на секој уметник се на прво место

Шведска е земја во која тимската работа, тимските одлуки се клучни. Сечие мислење е еднакво важно и земено во предвид, со цел да се најде најдоброто решение и идеја во каква било ситуација – вели Митревска

Од Македонија заминала во 2008 година, откако ги завршила студиите на Факултетот за музичка уметност. Сакајќи да студира диригирање и да може да работи со ансамбли, нејзините втори студии ги завршила на Универзитетот за музика и применета уметност во Виена, каде дипломирала на одделот за оркестарско и хорско диригирање. Елена Митревска денес е хор мајстор во особено почитуваната Опера во Малме, Шведска.
Каков предизвик е оваа земја за професионална надградба? Какво е местото на уметникот, воопшто?

– Шведска, пред сѐ, е земја во која човечкиот меѓуоднос и почит се на прво место. Тоа е земја во која тимската работа, тимските одлуки се клучни. Сечие мислење е еднакво важно и земено во предвид, со цел да се најде најдоброто решение и идеја во каква било ситуација. Оттука и често употребуваниот збор samverkan, што значи соработка. Јас живеам во Шведска за време на една многу необична година со откажани проекти, со импровизирана работа во операта. Сепак, и во вакви околности, правата, квалитетот и трудот на секој уметник остануваат на прво место – вели Митревска.

Елена Митревска (фото: Мигел Кастањон Алварес)

Таа ни го објасни патот како стана дел од Операта во Малме. Вели „нормално за секој диригент е секогаш да се стреми кон подобри ансамбли, а со тоа и кон подобри опрески куќи“.
– Слободните места за хор мајстор во светот се секогаш интернационално објавени. Откако се пријавив за аудицијата во Малме, бев повикана два дена пред да се затвори Европа поради коронавирусот. Сепак, решив да патувам. Аудицијата помина одлично и го добив местото. Сигурна сум дека после една многу чудна година и застој во целиот свет, мојата најнова станица, Малме, допрва ќе покаже една сезона со многу возбудливи продукции, меѓу кои и праизведби – вели таа.

Митревска се навраќа на престојот во Виена и колку тоа влијаело позитивно врз нејзиниот развој како професионалец.
– Покрај студиите и многуте стипендии што ми беа овозможени од универзитетот во Виена, истовремено морав да работам. На моја огромна среќа, почнав да пејам во хорот Арнолд Шенберг. Тука имав огромна среќа да бидам редовно во директен контакт со врвни диригенти и оркестри. Николаус Харнонкур, Клаудио Абадо, Рене Јакобс, Даниел Хардинг, Сајмон Ратл, Бернард Хајтинк беа само дел од нив. Подоцна бев ангажирана како асистент и како хор мајстор на истиот хор. Сакајќи да продолжам сама и да се надградам како самостоен диригент, решив да се преселам во Шпанија, каде работев во операта во Овиедо скоро пет години. Научив нов репертоар, нова култура, нов јазик, запознав прекрасни луѓе и на тоа сум многу горда – вели Митревска.

Елена Митревска (фото: Мињаш Жугиќ)

Операта во Малме е една од трите најважни шведски оперски куќи. Имајќи предвид дека има одлична местоположба, најголема сцена во скандинавските земји, ансамбли и солисти на многу високо ниво и нуди опери, концерти и мјузикли, може да достигне и до 40 распродадени претстави од една продукција, објаснува хор-мајсторот.

ТРОЈЦА МАКЕДОНСКИ УМЕТНИЦИ СЕ ДЕЛ ОД ЦИРКУСНА ОПЕРА ВО МАЛМЕ, ПО МУЗИКА НА ФИЛИП ГЛАС

Оваа сезона на Операта во Малме заврши спектакуларно, со изведби на циркуз операта „Days and Nights“ според музика на Филип Глас. Во операта, освен Митревска, учествуваа и кларинетистот Благој Ламњов и членот на хорот Дарко Нешовски. Митревска вели дека сите тројца се посебно горди што се дел од оваа продукција.
– Дарко беше дел од солистите на сцена, Благој дел од ансамблот кој броеше само 7 инструменталисти, јас како хор мајстор и диригент на самата опера. Самиот термин, циркуз опера, укажува на една сосема нова форма. Музика во која не постои арија, не постои класичен оперски тек кој му е познат на публиката. Токму тоа и му даде на делото една поинаква компексност. Тука сите беа еднакво важни. Сценскиот техничар, тон мајсторот, циркускиот уметник, соло пејачот, инструменталистот. Сите се еднаков и видлив дел од приказната. Циркузот е гледан низ призмата на поетот Роберт Лакс (1915-2000), кој самиот работел меѓу другото и како кловн. Тој бил инспириран за неговата збирка „Циркусот на сонцето”, во која Создавањeто на светот на еден метафоричен начин е споредувано и раскажано со циркуска претстава – вели Митревска.

„Деноноќниот циркус” е копродукција помеѓу Операта во Малме и циркусот „Циркор“. Следејќи ги секојдневно подготовките на сцена, гледајќи ги акробатите, жонглерите, нивната истрајност и професионалност, нивниот одушевувачки перформанс, беше неповторливо искуство за секој од нас, признава таа.

Елена Митревска (фото: Мињаш Жугиќ)

– Остварувањето на ваква праизведба, на една сосема нова форма со музика од Филип Глас во време на пандемија, организирана на безбеден начин, нè направи сите многу среќни и горди и беше одличен завршеток на сезоната 20/21 – завршува Митревска.

Овој проект ќе патува низ цел свет, но на турнејата ќе учествуваат самостојните уметници, а хорот – не. На прашањето дали има соработка со македонски музички институции, таа вели:
– Неколку пати имав чест да диригирам со нашата престижна Македонска Филхармонија. Исто така, пред неколку години имав одлична соработка со Оркестарот на Музичка младина и Александар Геровски и изведовме два концерти на Охридско и Скопско лето.

Насловна фотографија: Мињаш Жугиќ

Сподели