Рогот како симбол на новиот почеток: Промовирана првата книга за деца од Никола Маџиров со илустрации на Анета Илиевска

„Рокчето“ е всушност авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев

„Рогот како симбол знае да ни го донесе животот кога се пие од него, знае да биде како симбол на смртта како футрола за барут, но во овој случај рогот е симбол на новиот почеток. ,Рокчето’ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај што зборува за сите светови и времиња собрани на едно место – во рогот на еден вол, рогот на изобилството“, рече поетот Никола Маџиров на промоцијата на неговата прва книга за деца „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска, а во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата беше промовирана пред многубројна публика во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“.

„Рокчето“ е всушност авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Според уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска, зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка во која тој еднакво е и поет и раскажувач.

– Формата „приказна во приказна“ или „кутија во кутија“, како што ја дефинирал Марио Варгас Љоса, во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедото му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук, а читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), а друг во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен) – рече Ќорвезироска.

Илустраторката Анета Илиевска истакна дека иако претходно не се познавале лично со Маџиров, соработката се одвивала со многу креативни надополнувања.

– Со првите илустрации се случи еден клик и почнаа преплетувања на творечко ниво, па почнавме да се надополнуваат заемно – раскажа таа.

Според промоторот Ермис Лафазановски, приказната за волот и неговите рогови во својата суштина го има митот за рогот на изобилството, кој потекнува од стара Грција и е космогониски мит, но во нашиот фолклор е многу редок како мотив.

– А зошто Маџиров се зафатил токму со овој мотив? Па, затоа што рогот на изобилството е еден скриен поетски мотив, една антрополошка структура на имагинарното и без разлика како е употребен во разните митови и фолклори во европските земји тој секогаш претставува еден вид надеж во подобро утре, во некакво можеби утописко изобилство кон коешто копнее човекот. Се работи за еден ониричен поетски импулс да се стреми кон возвишеното, да се стреми кон некоја утописка иднина во којашто изобилството и целокупната среќа на човештвото е некаков императив – рече Лафазановски.

Фото: „Арс Ламина – публикации“

Сподели