Писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите седумдесет и седум години се наоѓа на чекор од самоукинување – стои во обраќањето на Миневски
Поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста, ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на ДПМ и нема да присуствувам на закажаното продолжување на вонредното Изборно собрание на Друштвото, ја извести јавноста писателот Блаже Миневски, кој беше еден од четворицата кандидати за претседател на писателската асоцијација.
Претходно, кандидатурите ги повлекоа Живко Грозданоски и Гоце Ристовски, а единствен кандидат што остана е Мирче Нешовски. Од кандидатурата за претседател на собранието на ДПМ во декември се повлече Стефан Марковски, а денес и Иван Антоновски.

Блаже Миневски
Актуелната претседателка на Собранието, Кристина Николовска вчера потсети дека
закажаното продолжение на седницата за Вонредното изборно собрание на ДПМ ќе се одржи на 27 јануари во 11 часот во просториите на ДПМ. Седницата е продолжение на претходната седницата (од 25.11.2023) којашто немаше услови да се одржи поради немање на кворум за работа. Во врска со евиденцијата на членови на асоцијацијата коишто доаѓаат од внатрешноста, се замолуваат членовите да се запишат на списокот што ќе биде во канцеларијата со цел натаму да се регулираат патните трошоци, стои во известувањето.
Миневски реагираше за објавената информација за постоење на два статути на Друштвото, еден статут во Централен регистер (од 2011 година), а друг достапен пред јавноста (од 2009-та). Информацијата беше објавена во разговор со некогашната претседателка на ДПМ, Соња Елсезер за „25 минути“.
– Функцијата претседател на ДПМ според Статутот доставен до Централен регистер има мандат од 2 години, додека не постои воопшто функција претседател на Собранието. Според Статутот објавен на веб-страницата, мандатот на претседателот на ДПМ е 4 години, како и мандатот на претседател на Собранието.“ Врз основа на кој Статут се бирала и се бира управа на ДПМ? Дали мандатот на претседателот е две или четири години? Дали вршењето на функцијата претседател на Собранието е легитимно и дали некој воопшто имал мандат со повикување на таа функција да презема активности и да настапува во име на ДПМ според невалидни акти? – прашува Миневски.
Тој објаснува дека од 25 ноември минатата година до денес, не е направено ништо за Вонредното изборно собрание да бидат известени оние 65-мина од 285-те члена на ДПМ, кои немаат електронски адреси и не добиваат ниту покана, ниту материјали за учество во работата на Собранието.
– Актуелното (не)легитимно раководство не предложи решение ниту за 29-те члена на ДПМ што живеат во странство, кои, ако веќе не можат да гласаат електронски, барем да не влегуваат во списокот за кворум, односно да се евидентираат и да гласаат само доколку физички се присутни на седницата. Не покажа коректен однос дури ни кон членовите со најдолг стаж во ДПМ, меѓу кои и класици на современата македонска книжевност, со тоа што не ги консултира дали се во можност физички да присуствуваат на седниците на Собранието или пак да се изнајде начин како да бидат вклучени во работата на највисокото тело на македонската писателска асоцијација. Исто така, и покрај ветувањето дека ќе се покријат патните трошоци на членови што дојдоа од внатрешноста на Вонредното изборно собрание во ноември, досега таква исплата не е направена – стои во писмото на Миневски.
Тој посочува дека единствен начин за излез од катастрофалната состојба е евентуалната можност да се активира Советот на ДПМ (поранешните претседатели) и/или членството да избере привремена управа за надминување на кризата, со цел да се разгледаат сите опции, да се надминат правните проблеми со статусот и Статутот на Друштвото, да се анализираат и утврдат точните списоци на членството и потоа да се организира легитимно Изборно собрание.
По јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои, искрено, бев во дилема дали е потребно повлекување на кандидатура за правно непостоечка позиција, вели Антоновски во своето повлекување.

Иван Антоновски
– Сепак, имам морална обврска да се обратам до вас и да ве известам дека и формално го преземам овој чекор, затоа што ставовите и програмските определби од мојата кандидатура, всушност, беа одраз на тоа што голем дел од членството го чувствува и го изрази како потреба. Верувам дека потребата од заложби за модернизација и транформација на македонската писателска асоцијација и натаму е силна, иако, по сето она што го посведочивме во овој период, јасно е дека патот ќе биде уште подолг и потежок. Со формалното повлекување на кандидатурата чувствувам обврска и се надевам дека на овој начин ќе успеам да спречам заедничките заложби за консолидација на ДПМ да бидат вовлечени во евентуални натамошни случувања што би немале правен легитимитет и дополнително би му наштетиле на Друштвото, а тоа, верувам, дека не сакаме да си го дозволиме. Затоа што заложбите беа и се за нов систем на вредности, а не за продлабочување на веќе постоечките проблеми. И покрај сè, сакам да верувам дека ДПМ може да излезе од ќорсокакот во кој се наоѓа, а дали тоа ќе се случи зависи од секој од нас – членовите на ДПМ! – вели Антоновски.





