Пропаѓањето на вредниот фрескоживопис во средновековните цркви ќе го спречиме само со враќање на старите градителски системи

Доколку лошата состојба на некоја средновековна црква се појавува инцидентно, тогаш проблемот се решава поединечно. Но, кога состојбата на сите средновековни цркви е лоша и таа се провлекува со децении, тогаш проблемот е системски и така треба да биде третиран, вели д-р Донка Барџиева-Трајковска

Влага, мувла и калцифицирани соли во најзаначајните средновековни цркви во Македонија јасно говорат дека градбите во целина се лошо третирани. Денес состојбата е иста, а во некои објекти и полоша, затоа што еднаш изведените несоодветни и штетни „конзерваторско-реставраторски“ зафати со сите штетни вградени материјали кои не се отстрануваат, туку во секоја следна интервенција се третираат како оригинален, составен дел на она што колегите конзерватотри го нарекуваат „постојна состојба“. Тоа се слулува во Св. Пантелејмон во Нерези, Св. Андреа крај Матка, Св. Богородица Перивлепта во Охрид, Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, Св. Ѓорѓи во Курбиново…, вели во интервјуто за Умно.мк д-р Донка Барџиева-Трајковска, историчар на уметноста, советник конзерватор – експерт за стари византиски конструктивни системи и фрескоживопис, претседателка на Здружението „Центар за културно наследство“. Деновиве излезе од печат книгата „Средновековните градителски системи и реставрацијата на византиските цркви“ во коавторство со Васил Трајковски и Игор Котларовски која отвора значајни прашања за состојбата на највредните средновековни цркви во нашата земја.

Донка Барџиева-Трајковска

– Станува збор за комплексен истражувачки проект кој поминуваше низ неколку фази на обмислување, бидејќи проблематиката која ја третираме е многу сензитивна од повеќе аспекти – догматско богословски, градителски и реставраторски. За да се напише еден ваков труд потребно е специјалистичко, односно субспецијалистичко познавање на сите аспекти на кои е втемелена Црквата како собор, а потоа и транспонирана во материјална форма како градба. Во оваа смисла, идејата за пишување на овој комплексен труд созреваше десеттина години за конечно да ја реализираме пред две години. Книгата е колективен труд на тројца автори кои припаѓаат на различни професии – Васил Трајковски е зограф реставратор со долгогодишно искуство во реставрацијата на фрескоживопис и иконопис, Игор Котларовски е млад архитект кој ги проучува средновековните градителски системи. Јас сум историчар на уметностa/византолог, носител на проектот, заради моето научно звање и долгогодишното искуство во заштитата и реставрацијата на византиските цркви. Ние тројцата автори, со своите професии го заокружуваме тимот, како пристап во реставрацијата на византиските цркви.

Што сè содржи книгата, концепциски како е уредена?

– Како што стои во насловот, во книгата се содржани всушност два труда кои обработуваат еден ист предмет – византиските цркви, но со различен јазик и методологија. Првиот дел е посветен на средновековните градителски системи и тој е поделен на неколку подпоглавја кои овозможуваат постапно да стигнеме до системот. Методолошки се „движиме“ полека низ историјата на црквата, следејќи ги ставовите на црковните Отци, втемелувачи на догматиката на црквата како Собор, место во кое е населен Бог, со составните делови на храмот кои формираат литургиски простор, за да стигнеме до иконата која е клучниот знак, образ кој го украсува храмот во материјализираната форма интегрално со градбата, односно литургијата. Така говорат големите богослови, бранителите на иконите на кои постојано се навраќаме во првиот дел од книгта. Ова поглавје го проследува изворното богословие и догматика на иконата за чиј долговечен опстанок православните отци создале посебен, тајновит систем на градење.

Вториот дел од книгата е целосно спротивен на првиот и е поврзан со појавата на реставрацијата како дејност во 19 век во Европа. За разлика од првиот дел кој е исполнет со мудрост и дидактика, во вториот дел композициски, како во музичко дело настапуваат дисонантни тонови кои фигуративно кажано, прозвучуваат како „лелеци од удари“ врз византиските цркви. Гледано од страна, агонијата која византиските цркви ја доживуваат од почетоците на реставрацијата како дејност во повоениот период, кај нас трае до ден денешен, без надеж во догледно време да престане. Оттука, не случајно сите примери кои се обработени во книгата се негативни. За тоа сведочи состојбата на теренот и старата документacија која ја имавме на увид. Тоа ни дава за право да констатираме дека реставрацијата како приод кон византиските цркви се покажува несоодветна и штетна.

Во овој контекст, неопходно е да се акцентира дека проблемот со кој се соочуваат византиските цркви е регионален, тој е присутен во сите земји со правослано наследство. Мал зрак на надеж се појавува во поново време, во пристапот на колегите реставратори од Турција кој го презентираме на крајот од книгата. Од стручен аспект, ова поглавје е прво од ваков вид кај нас, бидејќи во една сублимирана и пречистена форма говори за историјата на музеализацијата и реставрацијата.

Книгата е резултат на Вашето долгогодишно научноистражувачко и теренско искуство со средновековните цркви во Македонија. Како во неколку реченици би ја опишале нивната општа состојба денес?

– Последниот увид кој го извршивме како Здружението на граѓани „Центар за културно наследство“ во 2012 и 2013 година укажува на исклучително лоша состојба на византиските цркви. Главен индикатор за состојбата е живописот и доколку таму забележите оштетувања, влага, мувла и калцифицирани соли, тоа јасно говори дека градбата во целина е лошо третирана. Во книгата во посебно поглавје предаваме и преглед на најзаначајните средновековни цркви во Македонија со опис на состојбата и предлози за реставрација.

Внатрешноста на црквата со трибилонот во „Св. Наум“

Денес состојбата е иста, а во некои објекти и полоша, затоа што еднаш изведените несоодветни и штетни „конзерваторско-реставраторски“ зафати со сите штетни вградени материјали не се отстрануваат, туку во секоја следна интервенција се третираат како оригинален, составен дел на она што колегите конзерватотри го нарекуваат „постојна состојба“. Тоа е генералниот пристап во нашата конзерваторска пракса а како драстични примери ги наведуваме црквите Св. Пантелејмон во Нерези, Св. Андреа крај Матка, Св. Богородица Перивлепта во Охрид, Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, Св. Ѓорѓи во Курбиново…

На што се должи сето тоа?

– Ова е клучното прашање на кое со години укажуваме. Доколку лошата состојба на некоја средновековна црква се појавува инцидентно, тогаш проблемот се решава поединечно. Но, кога состојбата на сите средновековни цркви е лоша и таа се провлекува со децении, тогаш проблемот е системски и така треба да биде третиран.

Во нашиот високообразовен систем се изучуваат и градежништво и архитектура и историја на уметноста. Сепак кубуриме со конзерватори и реставратори на секое поле. Колку на факултетите се изучуваат средновековните градителски системи и колку овие знаења се применливи на терен?

– Точно е дека на Архитектонскиот факултет и на Факултетот за ликовни уметности постојат катедри за конзервација, слично како што на катедрата за Историја на уметност се изучуваат теориските аспекти на музеологијата и конзервацијата. Но, ако ги погледнете студиските програми, ќе забележите дека тие се парцијализирани и специјалистички, со практична настава на еден дел од целината на византиската црква. На пример, Архитектонскиот факултет обучува кадар за проектирање на нови градби, а се проучуваат базично и елементите на старите градби. Но, недостасува обединувачкиот дел кој треба да ја обедини архитектурата на старите градби, пред сè средновековните цркви, со фрескоживопиост кој се проучува на Факултетот за ликовни уметности. Бидејќи за архитектите-конзерватори главен приоритет е санација на ѕидот или покривот, како дел од градбата, но не и целината со живописот и неговиот систем.

Цртеж од откриените ќерамиди во „Св. Ѓорѓи“, Старо Нагоричане

 

Работите ќе почнат да се менуваат во позитивна насока во оној момент кога сликарот-конзерватор ќе му постави услови на архитектот како и со кои материјали да се конзервира ѕидот кој во црквите е носач на живописот. Исто како што дрвената табла е носач на иконата, а импрегнираното платно на штафелајната слика. За тоа е потребно познавање и нов, соодветен приод во реставрацијата на средновековните цркви. Но, состојбата е далеку полоша бидејќи на ниту една висообразовна институција не се изучуваат старите средновековни системи, вклучително на Градежниот факултет, од каде излегува кадар специјализиран само за градби кои се изведуваат со модерни современи материјали, но не и за стари техники и конструктивни системи. Во ова смисла веќе е крајно време за формирање на нов оддел или нов Политехнички факулет каде би се проучувале старите техники на градење, за да може да се спаси нешто од она малку што е останато како автентично недвижно наследство.

Една од последиците на сиве овие состојби се исклучително ретките изданија како оваа книга. Колку државата поддржува вакви некомерцијални изданија кои имаат поинаква тежина на национално ниво? Има ли системски интерес за превод на некој од светските јазици и дистрибуција до универзитети и други соодветни институции во странство?

– Државата, односно надлежното Министерство за култура со формирањето на Управата за заштита на културно наследство е сведено само на трансфер на финансиски средства и контрола на наменското трошење. Реално не постои интерес за следење на состојбата и специјалистички увид во состојбата и квалитетот на извршените конзерваторско реставраторски работи. Во однос на заштитата и реставрацијата, сите ингеренции ги има Управата од каде Министерството ги добива информациите. Постојниот „систем“ овозможува услови од внатре, од институциите да се загрозува културното наследство и оваа состојба трае со децении. Затоа не може да се очекува објавување на ваков тип на изданија од конзерваторите кои се вработени во конзерваторските центри вклучително и во научно-образовните институции. Во комисиите и во тимовите за изработка на проекти/елеборати за конзерваторски работи се вклучени експерти од Институтот за земјотресно инженерство кои не го познаваат и не го проучуваат средновековниот градителски систем, а статичките пресметки ги прават како за новоградби. Затоа состојбата на византиските цркви е лоша, бидејќи имаат третман на новоградби со многу бетон и железо кое не е компатибилно со стариот систем.

„Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане

Од друга страна, одамна конзерваторите не ги публикуваат истражувањата и реализираните конзерваторско-реставраторски работи, годишните зборници, со мали исклучоци, не излегуваат редовно, а светски познатото списание „Културно наследство“, кое го публикуваше поранешниот Републички завод за заштита на споменици, повеќе од десет години не излегува… Дури и во вакви услови, да бидам попрецизна, токму во вакви услови, Министерството треба (независно дали сака) да ги искористи сите механизми и да изврши контрола на квалитетот на досега извршените реставраторски работи, затоа што незамисливо е да го губиме нашиот културен темел.

Воведение на Пресвета Богородица во храм, црква „Св. Богородица Перивлепта“ (состојба 2012 г.)

Во отсуство на критериуми и посебен оддел за аналитика при Министерството за култура, кој би ја следел состојбата и би ги утврдувал приоритетите на дефицитарни публикации по дејности, состојбата би била сосема поинаква. Тоа би значело дека Министерството води политика, а не комисиите кои работат по принципот секому по малку. Така и со нашата книга за која добивме финансиски средства кои не ги покриваат целосно трошоците за печатење на квалитетна хартија и со фотографии во боја. Нашето издание е многу скромно, со кратко резиме на англиски јазик…

Состојбата на нашето севкупно материјално културно наследство е далеку од розова, веројатно во многу полоша состојба отколку пред 50 години. Проблемите се многу комплексни. Од каде да почне решавањето? Што би можело да биде основа за почеток на спасувањето на тоа што е останато?

– За жал морам да се согласам дека состојбата на недвижното културно наследство е многу полоша отколку на почетокот на дејноста пред повеќе од 70 години. Веројатно затоа што тогаш бевме дел од системот на поранешна федеративна држава и со законодавство кое беше усогласено на федерално ниво. Во оваа смисла и покрај присутните слабости за кои пишуваме во книгата, византиските цркви беа третирани со повеќе внимание и почитување од малкумината реставратори. Крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век претставува преломен период кога започнува агонијата на византиските цркви со авторскиот приод на архитектите проектанти. Во историјата на конзерваторската дејност овој пристап ќе остави трајни негативни последици кои можат да се поправат само со реституција. Состојбата на византиските цркви денес бара реституција и враќање на старите оригинални форми и природни материјали – односно реституција на старите градителски системи. Во спротивно пропаѓањето на живописoт ќе продолжи.

За да стигнеме до реституција, претходно треба да се реорганизира целиот образовен систем, вклучително и реставрацијата како специјалистичка дејност. Неопходни се длабоки резови, нови закони и нови институции со нов образован и компетентен кадар. Тоа е долг, но неопходен процес, бидејќи прво треба да се реституираат институциите за да се направи реституција на византиските цркви. Што се однесува до останатиот вид на наследство, посебно старата охридска градска архитектура, тука реституцијата не е применлива затоа што институциите однатре (законски) ги уништија оригиналните примероци.

Фото: „Центар за културно наследство“

Сподели