Сонот стана јаве – прв концерт на Националниот џез оркестар вечерва во Скопје

Во големата сала на Националната опера и балет, вечерва со почеток во 20 часот, својот прв концерт Jazz Nova ќе го одржи Националниот џез оркестар. Со овој концерт, кој ќе претставува еден вид симбиоза на биг бенд творештвото на истакнати македонски џез автори од повеќе генерации, свечено ќе биде одбележан почетокот на концертната сезона на Оркестарот.

За месеците кои следат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар што ги следи актуелните трендови во џез музиката, но вклучува и изведби на џез класици од домашната, регионалната и светската џез сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња.

Голем ентузијазам, упорност, истрајност стојат зад основањето на оваа институција, која обединува 30-ина наши врвни музичари. По долгите перипетии за тоа каде би дејствувале, тие добија простор во рамките на Националната опера и балет, што државата одлучи да го прилагоди за нивните потреби.

Фото: Виктор Соколовски

Сподели