150 дела на млади уметници создадени на Графичката работилница „Софија“ – Богданци во КИЦ Скопје

Околу 150 графички листа создадени на последните три главни сесии на „Графичката работилница „Софија“ од Богданци на 26 јануари (петок) во 20 часот ќе бидат изложени во Културно-информативниот центар во Скопје. Станува збор за дела во различни графички техники чии автори се млади и талентирани уметници од академиите во: Нови Сад, Ниш, Загреб, Сараево, Софија и Скопје. На отворањето, за графиката како уметност и за единствената графичка работилница од ваков тип во земјава и регионот ќе говорат Илија Ико Каров и Костадин Танчев Динка.

„Графичката работилница Софија – Богданци“ е јадрото на едно продуктивно уметничко движење кое веќе 17. тековна година ги обединува младите графичари од Македонија и од регионот. Настан кој навидум има само локално значење, но всушност е една успешна регионална приказна која претендира да го одржи приматот на графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз.

Главната сесија се одржува секоја година на крајот на август и почетокот на септември и на неа до сега имаат учествувано над 200 уметници од целиот регион. Улогата на ментори ја имаа истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Целта на графичката работилница и пред сè на главната сесија е да го поттикне традиционалното создавање на графички израз. Учесниците имаат ретка можност да творат во сите традиционални техники (висок, длабок, рамен и пропустен печат) и да разменуваат искуства со графичари од други ликовни академии.

Графичката работилница Софија – Богданци постои од 2008 година. Главни иницијатори за нејзиното создавање се членовите на Советот на работилницата кој сето ова време функционира во непроменет состав: Виктор Семенпеев – претседател, Костадин Танчев – Динка, Данчо Кал’чев, Јанко Темелков и Драги Семенпеев – Цапе – членови. Нивната истрајност, упорност и непоколеблива љубов кон уметноста придонесе Графичката работилница Софија – Богданци да прерасен во препознатлив културно – уметнички бренд.

Работилницата има меѓународен карактер и е единствена графичка работилница во земјава. Отворена е во текот на цела година, а најзначаен настан е главната сесија која традиционално се одржува на крајот на август. На оваа сесија учествуваат студенти на додипломски и постдипломски студии од Факултетите за ликовна уметност од регионот, избрани по препорака на професори од матичните академии. До сега на работилницата свој печат имат оставено над 250 уметници од Македонија, Словенија, Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грција, Полска и Виетнам.

Целта на графичката работилница и пред сè на главната сесија е да го поттикне традиционалното создавање на графички израз. Учесниците имаат ретка можност да творат во сите традиционални техники (висок, длабок, рамен и пропустен печат) и да разменуваат искуства со графичари од други ликовни академии.

Ментори на главната сесија се истакнати графичари и професори кои своето знаење несебично го пренесуваат на младите уметници. До сега оваа одговорна улога ја имаа Костадин Танчев – Динка од Македонија (2008), Трајче Блажевски од Македонија (2009), Инес Красиќ од Хрватска (2010), Сања Жигиќ од Србија (2011), Радован Јандриќ од Србија (2012), Звонко Тилиќ од Србија (2013), Аница Радошевиќ од Србија (2014), Рената Папишта од Босна и Херцеговина (2015), Игор Чабраја од Хрватска (2016), Тони Васиќ од Македонија (2017), Слободан Радојковиќ од Србија (2018), Марио Чаушиќ од Хрватска (2019) Виктор Семенпеев – Online (2020), Сања Жигиќ (2021), Јохан Јотов (2022) и Мирјана Водопија (2023).

Студентите учесници на главната сесија своите дела создадени на графичката работилница ги претставуваат на групна изложба која се организира на последниот ден од работилницата. Како резултат на оваа континуирана активност, Графичката работилница Софија – Богданци може да се пофали со фонд од над 850 графички листови во неколку примероци.

Визијата на организаторите е да се создаде мрежа на млади уметници која нема да функционира само во текот на главната сесија туку ќе претставува еден вид платформа за взаемна соработка и размена на искуства, со цел подобрување на вештините и поттикнување на креативноста кај младите графичари.

Графичката работилница Софија – Богданци на секои три години, во Скопје организира ретроспективна изложба на графики (триенале) на која посетителите можат да ги видат делата создадени од младите автори, професорите и менторите на работилицата.
Организаторите активно работат и во својата локална заедница. Најдобра потврда за тоа е неколкудневната работилница за деца која се одржа во 2014 година. Талентираните ученици од околните основни училишта имаа можност во текот на пет дена да се запознаат со графиката како уметност и да создадат свои дела.

Организаторите учествуваа во Интерактивни разговори 3, детска работилница за графика, печатење со компир клише 03.10.2019 во Младински културен центар во Скопје.

Во текот на 15-годишното постоење, создадените дела се претставени на повеќе изложби во Македонија, додека во 2017 година беше организирана изложба и во Галерискиот простор на Факултетот за ликовни уметности во Сараево -Босна и Херцеговина.
Графичката работилница Софија – Богданци е отворена за соработка со различни уметници во текот на целата година.

Сподели