Ова е прв пат кај нас да се користи дендрохронологија за датирање на праисториски локалитет, вели Андреј Мачковски, докторанд по археологија и дендрохронологија на Универзитетот во Берн
Луѓето што живееле кај Градиште кај Охридското Езеро пред 6384 односно 6369 години користеле даб, бор и фоја, помалку црн и бел габер и јасен во изградбата на наколната населба во која живееле. Точните години со 95 отсто гаранција ги потврдија дендрохронолошките анализи на дрвените колци од подводните истражувања на локалитетот Плоча – Мичов Град кај Градиште во чија близина денес се наоѓа Музејот на вода. Подводните ископувања беа спроведени во 2018 и 2019 година, но било потребно доста време да се обработи материјалот кој е публикуван во sciencedirect.com.
– Ова е прв пат кај нас да се користи дендрохронологија за датирање на праисториски локалитет – вели Андреј Мачковски, докторанд по археологија и дендрохронологија на Универзитетот во Берн, еден од коавторите и еден од двајцата автори-дописници на научниот труд објавен во стручното списание Dendrochonologia.
Трудот е во коавторство со 11 научници, а од Македонија се вклучени и археолозите Гоце Наумов, Бојан Танески и Валентина Тодороска.
– Новите истражувања утврдија најмалку 5 фази на живот на локалитетот, во 5. милениум пред нашата ера и во текот на 2. милениум п.н.е. Најзастапени видови дрва употребувани за градба на праисториската населба се дабот (Quercus sp.), борот (Pinus sp., cf nigra), фојата (Juniperus excelsa/foetedissima), а во помал број црниот и бел габер (Ostrya carpinifolia/Carpinus sp.), и јасен (Fraxinus sp.) – вели Мачковски.
Истражувањата се спроведени во 2018 и 2019 година за да се стекнат подетални сознанија за хронологијата и значењето на локалитетот. Меѓународниот тим бил составен од нуркачи, археолози и палеоеколози од Македонија, Швајцарија, Германија, Бугарија, Британија, Шпанија, Украина и Италија. Истражувањата беа дел од меѓународниот проект ЕКСПЛО (exploproject.eu), раководен од Универзитетот во Берн, заедно со Универзитетот Оксфорд и Универзитетот од Солун од една страна, и Завод и музеј – Охрид и Центарот за истражување на предисторијата од македонска страна.

А: Поглед од дрон на реконструираната наколна населба „Музеј на вода”, изградена на локалитетот Плоча – Мичов Град , во подножјето на Галичица, 2018 г..; В: Подводни истражувања во 2019 – земање на примерок од колец од фоја (сега датиран во 45-ти век п.н.е.); С: Припрема со бансек на примерок од бор (сега датиран во 15-ти век п.н.е.).(А: Ѓ. Милевски, Центар за истражување на предисторијата; В: А. Улиш; С: Марко Хоштетлер; обработка: А. Бири, Универзитет во Берн)
Истражувањата опфатиле површина од околу 100 квадратни метри, при што бил пронајден броен движен материјал – фрагменти од керамички садови и масички, кремени и коскени алатки, семиња, животински коски.
– За прв пат кај нас беа земени и примероци од сите откриени дрвени колци, 799 на број, зачувани во езерското дно, врз кои беа извршени дендрохронолошки анализи. Фокусот на новообјавениот труд е токму дендрохронолошкото датирање комбинирано со радиокарбон (Ц14) датирање – објаснува Мачковски.
Дендрохронологијата е метод на прецизно датирање на дрвени предмети преку мерење на ширините на годишните прстени (годови). Дрва од ист вид, кои растат во ист регион и ист период имаат многу слични варијации на ширините на годовите (Слика 2), па така мерејќи ги годовите на поединечни примероци од колци може да се определи дали одредена група на колци е од ист период или друг. Синхронизирање на сличните низи на ширини на годови од поединечни дрва овозможи создавање на долги серии на усреднети ширини на годови, или т.н. хронологии на годови (tree-ring chronologies).

Концептуален графички приказ на методологијата на дендрохронолошка анализа. Преведено на македонски од оригиналот: Tegel, Muigg, Skiadaresis, Vanmoerkerke and Seim (2022) Dendroarchaeology in Europe. doi: 10.3389/fevo.2022.823622
– Кога се работи за хронологии на годови од современи дрва, или од недалечното минато, секој год може точно да се определи во која календарска година е оформен, со што и гредите од стари објекти можат апсолутно да се датираат. Но, праисториските хронологии на годови, иако меѓусебно се синхронизираат со годишна прецизност, не можат да бидат апсолутно датирани со оглед на тоа дека не постои непрекината референтна хронологија на годови на Балканот која се протега од денес па се’ до праисториските периоди. Комбинирањето на дендрохронолошките податоци со радиокарбон датирање овозможува неколкукратно поголема хронолошка прецизност – вели Мачковски.
Тој додава дека комбинираните хронометрички резултати укажуваат на постоењето на најмалку 5 фази на локалитетот. Најдобро претставена, а воедно и најстара фаза е таа од средината на 5. милениум п.н.е. односно од енеолитот (краен неолит), фаза чиј крај е датиран околу 4350 г.п.н.е. (+-15), или најпрецизно: во некоја година помеѓу 4360 и 4345 г.п.н.е. Веројатноста е веисоки 95 отсто. Животот на населбата во оваа најстара фаза траел континуирано најмалку 87 години. По пауза од неколку века следи една пократка фаза кон крајот на 5. милениум, која завршува околу 4170 г.п.н.е.(+-53).
– Со оглед на релативно малата истражена површина на локалитетот, не можеме да кажеме со сигурност дали ваквите паузи во животот на една праисториска населба се фактички прекин во континуитетот на населбата или пак едноставно во меѓупериодот населбата се наоѓала на друга неистражена локација во рамки на локалитетот кој има голема површина, околу 8.500 квадратни метри – вели Мачковски.

А: Сечење на примерок од колец за време на подводните ископувања во 2019 г..; B: напречен пресек на примерок од колец од дабово дрво; C: примерок од дива или питома фоја (фамилија смреки).; D: примерок од бор (најверојатно црн бор). (А-D: А. Улиш, К. Штаели, Ј. Рајх, А. Мачковски; обработка А. Бири)
Следните детектирани позначителни фази на локалитетот се околу 1500 години подоцна, односно во бронзеното доба, во 2. милениум п.н.е. околу 1800 г.п.н.е (+-40 г.), 1389 и 1250 г.п.н.е. (+-15 г.). Во овие фази документираниот континуитет на користење на населбата се движи од најмалку 17 до најмалку 46 години.
– Забележителен е и можен тренд во употребата на различни видови на дрва во различни периоди, па така во енеолитските фази (5. милениум п.н.е.) после дабот, најзастапена е фојата (род смреки), па боровите, и незначителен број на црн габер. Во подоцнежните, бронзенодопски фази (2. милениум п.н.е.), доминираат дабовите и боровите, па дрво од црн габер и помал број на јасенови дебла, додека фојата сосема отсуствува – вели Мачковски.
Во меѓувреме објавени се и нови резултати од палеоеколошките истражувања спроведени на локалитетот Плоча – Мичов Град. Преку анализите на примероци полен зачуван во седиментите на и околу локалитетот може прецизно да се реконструира локалната вегетацијата и еколошките услови на крајбрежјето во последните 14.000 години.
– Меѓу другото, утврдено е дека на локалитетот или во неговата непосредна близина биле одгледувани житарки околу 5500 година п.н.е., што е недвосмислен индикатор за присуството на неолитски заедници околу 1000 години порано од претходно наведените археолошки документирани фази на Плоча – Мичов Град. Ваквата дата би одговарала и со датирањето на локалитетот Охридати/Пенелопа (околу 5500 г.п.н.е) во низинскиот дел на градот Охрид, кој денеска е за жал во голема мера уништен од градежните активности на тој потег – дециден е Мачковски.

Поглед од „Музејот на вода“ кон чамецот за поддршка на нуркачите (десно) и платформата за земање на примероци седимент од езерското дно за палеоеколошки анализи (десно), 2019 г. (М. Хоштетлер)
Според него, покрај раните индикатори за земјоделски активности во регионот, воочливо е и човековото влијание врз вегетацијата уште во 5. милениум п.н.е. на локално ниво. На регионално ниво, пак, во Македонија како и Албанија и Северна Грција, трајното и поголемо човечко влијание врз животната средина и составот на растителните заедници е веќе континуирано видливо од околу 1000 година п.н.е, па сè до денес.
– Но, за разлика од праисториското човечко влијание врз неповторливата природа на Охридскиот басен, денешното влијание е многу поразлично со тоа што е многу поинтензивно и воведени се бројни синтетички загадувачи од земјоделски и градежни активности, како и многукратно зголемената човечка популација околу езерото – вели Мачковски.
Тој додава дека новите комбинирани археолошки, дендрохонолошки и палеоколшки научни резултати даваат уникатен увид во животот во Охридскиот Регион во праисторијата. Дендрохронолошките анализи се првите темелни дендрохронолошки истражувања на праисториски локалитет во Македонија, како и едни од ретките палеоеколошки истражувања.
– Прецизното датирање на различните праисториски фази е неопходно за детална реконструкција на животот на човечките заедници во минатото и средината во која овие луѓе живееле и твореле. Имајќи предвид дека растот на годовите на дрвата е во голема мерка определен од климатските услови, новите дендрохронолошки резултати во иднина ќе послужат и како основа за реконструкција на локалните климатски услови во праисторијата – завршува Мачковски.





