Логомотива.мк е новиот сајт за откривање на богатиот и разновиден универзум на македонскиот лого-дизајн преку прецизно курирана архива кој веше лансиран пред десет дена. Проектот оживува по долгогодишна страст, посветеност и соработка во македонската дизајнерска заедница и голем број ентузијасти. Сајтот нуди сеопфатно и визуелно истражување на македонските логоа низ историјата. Во архивата има околу 1200 логоа од 30-тина автори од Македонија, од кои 400 се комплетно дигитализирани и векторизирани.
– Логоата постепено се објавуваат на сајтот и на соодветните профили на Инстаграм и Фејсбук. На голем број од логоата не се познати авторите, ниту годината на создавање. Ова се значајни податоци за секоја сериозна архива. Токму тука се очекува придонес од заедницата. Поканети се сите – без разлика дали се искусни графички дизајнери, млади уметници или едноставно луѓе заинтересирани за светот на логоата и познатите брендови од минатото на Македонија – да се придружат на Логомотива.мк заедницата (facebook.com/groups/logomotiva.mk). Секој што ќе „ископа“ некое постаро лого, или пак има информација за автор или година на создавање на некое лого, може да сподели со заедницата на некој од гореспоменатите канали, и со тоа ќе придонесе за нејзиното збогатување – велат од Логомотива.мк.
Почетоците на идејата датираат во 2008 година, кога Небојша Гелевски-Бане го основал RetroMK (retromk.tumblr.com), страница посветена на македонскиот дизајн од изминатите децении. Надградувајќи се на оваа идеја, во 2015 година Бане, Александар Гижаровски и Немања Трајковиќ ја создале Фејсбук групата „Логомак“, подоцна преименувана во „Логомотива“.
– Оваа група брзо еволуираше во динамичен простор за споделување слики од различни логоа и постери, поттикнувајќи дискусии, споделување на знаења и славење на графичкиот дизајн во Македонија. Би сакале да изразиме голема благодарност до членовите на Facebook групата за досегашниот придонес во градење на архивата – особено на Златко Ангелевски (кој има убедливо најголем придонес), Владимир Трајановски, Марјан Христов–Смоларски, Зоран Кардула и многу други. Со текот на времето, се разви потребата од создавање на поструктурирана платформа која ќе ги обедини сите споделени информации, и на соодветен начин ќе ги претстави резултатите на долгогодишната соработка пред македонската јавност – велат тие.
Според нов, историјата на македонските брендови, графички идентитет и култура е значајна за нашиот идентитет како нација.
– Заштитните знаци со кои растевме и се развивавме како личности не треба да бидат заборавени, како ни авторите кои ги создавале. Посетете го сајтот и бидете дел од истражувањето на македонскиот графички идентитет – велат од Логомотива.