Ангелот од Курбиново, Мариовска невеста дел од корпоративната мултимедијална изложба на Халкбанк

Ангелот од Курбиново, Мариовска невеста, детали од килим, исламските орнаменти и накитот од минатите векови се извор на инспирација за современите уметници кои твореа во рамките на проектот „Трајни културни вредности“ на Халкбанк АД Скопје. Нивните дела се дел од корпоративната мултимедијална изложба, која ќе биде поставена во Археолошкиот музеј во Скопје и ќе биде отворена за јавноста од петок (15 декември) до средината на јануари. Изложбата е вистинско патување низ времето низ кое културните вредности од минатите векови денес наоѓаат свој израз во современото творештво.

Проектот „Трајни културни вредности“, втора година по ред продолжува со истражување на помалку познатите аспекти од културното наследство на Македонија. Преку оваа активност креирани се над 30 дизајни, инспирирани од трајните културни вредности, засновани на богатата традиција, археолошкото наследство и уметноста. Одржливо и внимателно вметнати во бренд стратегијата, новите визуелни приказни отвораат свежи погледи и стимулираат врска помеѓу историјата и современоста.

– Креациите на овие уметници го пренесуваат духот на минатото преку нови медиуми, оживувајќи ги наследството и културата како сведоци на богатата историја и инспирација за следните генерации. Со нетрпение очекуваме да ги презентираме овие мултимедијални дела, кои со љубов се работат веќе две години – вели Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк.

Секој елемент од изложбата е прозорец кон минатото што нè потсетува на значењето на наследството и неговата вредност во современиот свет. Археолошкиот музеј ќе биде местото каде што ќе можеме заедно да го прославиме ова уникатно творештво што продолжува да ги вплетува своите нишки во современите уметнички изрази.

Сподели