Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворено 6. издание на биеналната Меѓународна изложба Ex Libris. Ќе бидат претставни речиси стотина дела од современата графичка сцена од разни делови од светот како и од Македонија.
– И оваа година љубителите на графиката ќе имаат можност да уживаат во делата изработени во различни традиционални графички техники како линорез, сува игла, бакропис, мецотинта, акватинта, фотолитографија, но и современи техники како дигитална графика и комбинација на истите. Ex Libris, што буквално значи „од книгите на“, е латински израз што се користи за означување сопственост на книга. Ex Libris графиката, се однесува на уметничките идентификации поставени во книгите за да ги означат сопствениците и воедно да ја украсат книгата – велат организаторите.

Покрај натпреварувачкиот карактер, изложбата сама по себе претставува прослава на графиката и литературата во својата класична колекционерска форма. Имајќи ја предвид современата дигитална култура, книгата како колекционерски артефакт е сѐ помалку застапена во животот на секојдневниот читател, а со тоа и потребата од категоријата Ex Libris. Затоа, целта на оваа изложба е да го поттикне интересот кон традиционалните графички техники и да ја освежи колекционерската култура на книгите. Воедно, претстојната изложба e прилика за споделување на искуствата меѓу професионалните графичари ширум светот и збогатување на графичката сцена. Првото издание на оваа изложба е реализирано во 2012 година. Ретроспективно гледано, колекцијата брои повеќе од 300 автори од четириесетина земји и преку 600 дела.





