Четвртата дискусија на Форумот за интердискурзивен дијалог Philosophia Christiana ќе се одржи вечерва во 19 часот во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Говорник ќе биде проф. Ненад Марковиќ од Правниот факултет, а соговорници ќе бидат проф. д-р Владимир Петрушевски од Природно-математичкиот факултет и доц. д-р Бобан Карапејовски од Филолошкиот факултет. Настанот е од отворен карактер.
Целта на дискусијата е да го отвори прашањето за хуморот во контекст на минатите и современите културни дебати. Учесниците ќе се осврнат на низа прашања: Што воопшто претставува хуморот? Што може да се смета за добар, а што за лош хумор? Што кога хуморот за некого е навредлив? Дали хуморот може да се ограничи, односно во одредени случаи и околности да се забрани? Дали хуморот му е согласен или му е спротивен на христијанскиот начин на живеење? Дали хуморот на Монти Пајтон сѐ уште соблазнува некого? Дали сите сме Шарли?





