Не може упорно со децении да се прават секакви промени, постојано нови програми, нови работи, и само се зголемува и се зголемува непотребниот дел.. голем проблем настанува и кај наставниците, а со ова постојано префрлување од едно на друго, скокање, воведување ново/старо – вели Анамарија Митриќеска-Кал’чева, наставничка по ликовна уметност
Таа е една од најкреативните наставници за кои ќе слушнете во основното образование кај нас. Анамарија Митриќеска-Кал’чева работи во основното училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци, Гевгелиско. Неуморлива, ги мотивира и своите ученици да бидат креативни. Заедно го разубавија училиштето со убави креативни поучни пораки, заедно создаваат креативни изработки и ги продаваат на хуманитарни базари, посетува обуки за подобрување на својот професионален развој и смета дека тоа е единствениот начин за да им овозможиме подобро образование на новите генерации.
Митриќеска-Кал’чева дипломирала и магистрирала на Академијата за ликовни уметности во Фиренца, костимографија и висока мода. Се труди да не ја занемари и својата уметнот, па во август годинава имаше изложба во рамките на фестивалот БОШ во Гевгелија.

Учениците создаоа уметничко дело на вратата од училницата
Со вашата креативност ги инспириравте учениците минатата учебна година да го разубавите заедно училиштето каде што предавате „Ристо Шуклев“ во Негорци. Инспирирате ли и други луѓе, колеги околу вас да ги следат вашите чекори и да прават нешто надвор од редовните обврски? Подзаборавивме ли малку како нација да се грижиме за јавното добро?
– Како нација одамна имаме заборавено да се грижиме за јавното добро, но ова мислам дека не се должи толку до народот (како да дигнавме раце веќе сите, но и немаат време луѓето), туку се должи на експериментите и обидите да се приближиме кон нешто што не е наше и не припаѓа на нас. Ние си имаме свој менталитет и работите треба да се прилагодуваат кон него. Посебно во образованието, кое е клучно за правилен развој. Ме чуди тоа како никој не обрнува внимание на она што ние наставниците го зборуваме, како да сме безгласна буква. Програмите, посебно за одделенска настава се пренатрупани и преобемни. А наставниот кадар е преполн со непотребни обврски, пишувања до бескрај, кое на никој и за ништо не служи.. часот е тој на кој што ние треба да сме посветени, да имаме енергија и со љубов да работиме, а не да сме администрација (мене лично ова ми претставува вистина голем и непотребен проблем, а верувам и на останатите наставници).
Не може упорно со децении да се прават секакви промени, постојано нови програми, нови работи, и само се зголемува и се зголемува непотребниот дел.. голем проблем настанува и кај наставниците, а со ова постојано префрлување од едно на друго, скокање, воведување ново/старо. Се уништуваат и самите генерациите, за жал, и нормално е што сакаат да се преселат во странство. Не викам дека не треба да се менува, треба, но да биде во согласност со нашиот менталитет и нашите потреби.
Има многу капацитет во оваа држава, има одлични и вистина способни луѓе кои можат многу да придонесат за образованието, но нивниот глас како воопшто да не се слуша и да не е важен.

Деновиве имав можност да бидам дел од конференцијата за eTwinning (Erazmus+) организирана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Конференцијата беше одлична, прекрасен кадар и со желба и визија за работа. Искрено сега прв пат видов светла точка во тунелот. Барем еден наставник од секое училиште вистина да се посвети на развојот, можеби и ќе имаме можност за посветла иднина на нашите деца.
Во однос на првиот дел од прашањето, возможно е да инспирирам, за некои знам, за некои не, а на некои може и да не им се допаѓа, сè е индивидуално сепак.
Изучувањето на ликовната и музичката уметност, во последните неколку години стана малтене изгубена борба, со по еден до два часа неделно кај деца од основно образование. Ви изгледа ли нерационална оваа одлука на МОН, кога сите можни истражувања велат дека на децата во развој најмногу им требаат уметностите?

– Ова е најнерационалната одлука што може да се измисли, не знам како е возможно на некој воопшто да му текне такво нешто… посебно делот ликовно и музичко се спојат и предлогот (кој среќа се изборивме да не се прифати), во предметна настава децата да имаат едно полугодие ликовно, а едно музичко.
Како што многу зборував тогаш, и сега ќе кажам, ликовно образование не може да биде изборен предмет, навистина е потребно да биде редовен предмет, не само за општа култура и техники, уште подлабоко тој е и со огромна терапевтска моќ, бидејќи децата на тој час се релаксираат (односно мое мислење е дека би требало да се релаксираат), се оттргнуваат за момент од секојдневните предизвици и се ослободуваат, посебно доколку им се даде простор за фантазија, оние кои сакаат, вистина се вдлабочуваат и креираат.
Ликовно, според мене, не еден час, туку минимум 4 треба да има, 2 пати неделно блок часови, кои покрај другото се и потребни за да можат и добро да се завршат цртежите.
Доколку вистина се вдлабочат децата, преку овој час се враќа потрошената енергија од обврските, што им дозволува да го продолжат денот полесно. Не сите ученици се внесуваат, но има многу и кои сакаат.

Дело од самостојната изложба на Митриќеска-Кал’чева
Неретко може да се слушне флоскулата дека денешните деца ништо не ги интересира, освен мобилните телефони и таблети. Колку е важно да ги мотивираме децата да бидат креативни? Се изгубивме ли можеби ние возрасните по патот на технологиите и се што денешното време носи?
– Не мислам дека не ги интересира ништо друго. Деца како деца, сакаат да си играат и да се дружат. Технологијата не можеме да ја избегнеме, но простор може да се најде за сè. Јас верувам дека скоро на секое дете доколку му се даде да одбере дали да игра надвор и да се дружи или да гледа на телефон, би одбрало надвор. Поголемиот проблем е што веќе не е толку безбедно надвор, за што секако секој родител се плаши па децата се приморани повеќето од времето да го поминуваат дома…
Креативноста, како што напоменав и претходно е многу важна, бидејќи преку неа децата ги искажуваат своите чувства и се ослободуваат. Секако не по секоја цена да се тера детето, но доколку има барем и малку желба, убаво е да се поттикнуваат и дома да прават нешто, цртањето е одлично, но има и многу други креативни работи, пр. лего коцки, слагалици итн.. покрај фантазијата и терапевтскиот дел, со тоа им се развива и логиката и други когнитивни способности.
Да се навратам на технологијата, таа е до некаде добра, ни дава побрз пристап до информации итн, проблемот е што има вистина секакви неадекватни работи на интернет кои што и децата и возрасните ги гледаат.

На пример, јас зборот инфлуенсер не можам да го разберам.. Jас инфлуенсер си го претставувам човек кој е навистина експерт во некоја област, за да можат и точни информации да стигнат до пошироката маса, а како што приметувам во ова време инфлуенсери има на секој чекор, па често се прашувам за што се експерти и дали воопшто се..
Дури и да е од маркетиншка гледна точка, сепак треба и естетски и интелектуално да се знае што и зошто се рекламира. Вистинските експерти во одредени области, не се толку видливи (сами по себе се често повлечени луѓе, кои вистина длабоко навлегуваат во тематиката која ја обработуваат), па поради ова, за жал, на интернет ни се пласираат имформации кои не се знае воопшто од каде потекнуваат, што вистина претставува егзистенцијален проблем во моментов, не само за нашето општество, туку и општо за човештвото. Забележувам дека вкусот за облекување, за музика, за култура, за секој вид на уметности итн е скоро, ако не и целосно изгубен за жал преку пласирањето на секакви информации. Уште полошо, она што подолго време го гледав кај нас, сега го гледам и на светско ниво.
Јас имам дипломирано и магистеирано на Академијата за ликовни уметности во Фиренца, костимографија и висока мода, но Fashion Tv, Met Gala итн немам вклучено повеќе од 15-ина години, само на блиц погледнивам, точно поради тоа што скоро сè е извитоперено и уништено.

На 15. издание на фестивалот „Бош“ во Гевгелија се случи и вашата прва самостојна изложба насловена „Простор“. Тема која верувам го „мачи“ секој уметник, посебно визуелен. Вие одбравте низ акрил на платно да го дефинирате вашиот простор личен, но и со светот. Ви беше ли тешко да го најдете својот ликовен јазик?
– Интересно прашање, кое не сум го размислила. Не ми беше тешко, едноставно ми дојде. Од одамна сликам слични дела, но оваа серија решив да ја направам доста поапстрактна. Лесно ми доаѓа инспирација, бидејќи езотеријата ми е многу блиска, па преку внатрешна имагинација, се обидувам да го доловам она што мене ми претставува убавина. Всушност, јас не правам ни скица, ни подготовка, едноставно ја замислувам само позадината, односно енергија распространета низ космичкиот простор, без разлика дали се работи за мене (мојата) или општо, па откога физички ќе го доловам тоа, потоа сè оставам да тече само по себе, почнувам, и не застанувам со денови. Се чувствувам убаво додека сликам и се обидувам таа енергија да ја пренесам на платно да пробуди слични убави чувства и кај оние кои ги гледаат сликите.
Ве измотивира ли изложбата во Гевгелија за нови походи? Да ја донесете и во Скопје, можеби?
– Секако. Добив и навистна убави коментари, што дополнително ме поттикнаа.
Инаку оваа серија ми е во моментот на половина (што беше сосема доволно за просторот во Гевгелија), но во план ми е да насликам уште петнаесетина дела, па би сакала да ги изложам сликите и во Скопје.
Имаат доста детали, па споро и со задоволство ги работам, се надевам за една година, покрај другите обврски, ќе успеам да ги завршам.
Каков предизвик е за еден уметник да го најде своето место во нашето општество?
– Предизвици мислам дека има секогаш и во секоја професија. Кај уметниците најтежок е финансискиот дел, а од психолошкиот аспект – е убаво. Блокади во креирањето се случуваат кај сите, но тоа е нормално и поминува. Интересна работа е што, како ние уметниците да имаме повеќе простор за сè. Често ми се случува да ми кажат, „така се однесуваш, така правиш.. ама ти си уметник, прифатливо е”, што по сè изгледа на нас ни е дозволена поголема слобода, која е вистина многу потребна и за секој човек, без разлика дали е уметник.
Има и уште нешто што имам чувство дека ни прави да се чувствуваме добро и да ја одржуваме таа ментално/психолошка состојба на слобода и глас. Не сме заинтересирани за тоа што другите мислат, туку сме сконцентрирани да живееме живот како ние сакаме. Предрасуди во овој дел може да има многу, но не ни значат, па со тоа си оставаме вистина простор за себе. Ова мене лично ми се случува, а и на повеќето мои пријатели.

Доколку ние обрнуваме внимание на сè, што би останало за нашето сопствено јас да го извадиме на виделина (а во нашата основа е да се изразуваме преку уметност). Ако нè интересираат надворешните влијанија, не би имале простор за себе, што значи не би можеле ни да креираме.
Секој креира и добива инспирација на свој начин, но верувам дека чувството кај сите е слично, бидејќи покрај другото како што е познато, уметноста има и терапевтска моќ, со што кога сликаме, ние и се прочистуваме и се оттргнуваме од непријатните работи во секојдневниот живот.
Од друга страна пак, финансиискиот дел е вистина голем проблем. Не се цени многу уметноста кај нас, повеќе се обрнува внимание на други работи. Генерално мислам дека и народот нема пари народот (барем пошироката маса) за луксузи како слики, фотографии, скулптури и други уметнички дела да купува, а за естетика не би зборувала, бидејќи има многу..
Сите работиме и други работи, па уметничкото изразување, веќе и како хоби доаѓа.. Многу често се случува со уметниците и по повеќе години да не сликаат или било како и да се изразуваат, точно и поради тоа што мораат да работат други работи, поради немање финансии за жал.
Мене лично убав предизвик ми е исто и тоа што јас не сум сликар, имам завршено костимографија, но откога се вратив во Македонија, некако сликањето повеќе ме привлекува. Со деталите и имагинацијата отсекогаш ми одело, па како што може да се забележи и самите слики се доста декоративни.
Така што, да, презивик е да се биде уметник во нашето општество, но пак од друга страна е и една од најубавите работи и е суштински дел од нас по што и секогаш се враќаме на неа, тоа е еден дел кој навистина нè одржува во живот, убавина и мир.





