Без поддршката на колегите и нивното разбирање немаше да може по цели денови да сме легнати на земјата на сред пат или качени на клупи и скали за да цртаме, вели Митриќеска-Кал’чева
Желни да си го направат своето училиште поубаво, пошарено, поинспиративно, учениците од осмо и деветто одделение во основното училишта „Ристо Шуклев“ во гевгелиското село Негорци создадоа свое убаво катче. Идејата на наставничката по ликовно образование, Анамарија Митриќеска-Кал’чева предизвикала убаво внимание кај учениците, но и сите во училиштето. Така настана проектот „Едукативна декорација на училишниот простор“.
Анамарија Митриќеска-Кал’чева
– Во учебната 2020/2021 година, за време на ковид-пандемијата кога работeвме онлајн, немавме можност да ја изразиме креативноста, но затоа размислував за денот кога ќе заврши пандемијата, како би можеле преку работа да се забавуваме сите и истовремено да оставиме нешто трајно во училиштето. Па ми дојде идеја, седнав и го смислив проектот. Сопругот е фотограф и графички дизајнер, па заедно со него го направивме проектот да се презентира токму така како што би изгледало во реалниот простор кога ќе се заврши. Ѝ го презентирав на директорката Жаклина Линкова, која се воодушеви и веднаш прифати. И навистина резултатот е таков каков што посакувавме – вели наставничката.
Учениците биле среќни и инспирирани за работа, а проектот за среќа ќе продолжи и в година, за што добиле и поддршка од општината. Митриќеска-Кал’чева дипломирала и магистрирала во Фиренца, каде начинот на учење и образованието, генерално е многу поразлично од нашето.
– Јас се водам по тоа што ми има оставено најголем впечато – слободата на размислување, поттикнувањето на критичко учење и разбирањем а најмногу слободата на самиот час. Секако не сите часови не го дозволуваат тој степен на слобода, но предметот ликовно образоване е вистина во правата смисла тоа – слобода. Јас мојот предмет не го гледам како час конкретно за учење на уметност. Напротив, како час каде треба да им се допушти на децата да се изразат колку можат, да си го ослободат духот и да ја пуштат фантазијата. Дури како што е познато уметноста има голема терапевтска моќ и моќ во создавање на емотивен баланс, при искажување на емоциите преку слика. Затоа и мислам дека стриктното придржување по програмите е голем проблем, посебно во уметничките предмети. Во странство тоа не функционира така, комбинирање и прилагодување според потребите на учениците и секако слободата кај наставникот е една од најважните работи за успешна реализација на часот, бидејќи не сите деца се исти – вели Митриќеска-Кал’чева.
Таа смета дека кога на учениците ќе им се претстави нешто интересно и ново и кога ќе им се даде слобода да изберат кој каде и што сака да работи, во кој дел најмногу се пронаоѓа, резултатот е видлив. На пример, некој се пронаоѓа и е попрецизен во деталите, друг знае добро да меша тонови, па го работи тоа, трет одлично фарба, некој го бива за нешто друго, секако за секој има по нешто и кога ќе се направи една убава работна атмосфера, кога ќе се поделат задачите.
– Па замислете само колку е интересно и забавно за децата да цртаат на ѕидови, колку се тие среќни и сакаат да го прават тоа, бидејќи е нешто сосема ново за нив. Без поддршката на колегите и нивното разбирање секако немаше да може по цели денови да сме легнати на земјата на сред пат или качени на клупи и скали за да цртаме. Исто така и тие самите се вклучени во целиот проект, направивме и хамер каде секој наставник напиша мисла во однос на образованието, по која се води – вели Митриќеска-Кал’чева.
Таа завршува:
– Би сакала сите училишта да ја имаат оваа топлина, да се поттикнуваат меѓусебно и да се има слобода во изразувањето, самата клима во училиштата би била многу поубава за сите, секако тоа најмногу ќе вијае на децата и на нивниот понатамошен развој.