Во семејната куќа на големиот ликовен уметник Борко Лазески, синоќа беше отворена изложба на досега неизложени дела пред јавноста. Пријатели на семејството, но и почитувачи на неговото дело ја разгледаа еднодневната изложба организирана по повод 30 години од смртта на Лазески.

Поставени дела се изработени во периодот од 1937 до 1950 година. Циклусот претставува значаен дел од искуството на авторот и нуди преглед на неговата уметничка перцепција од тој период. Делата го одразуваат талентот и креативноста и неговата способност да ги фиксира деталите во своето искуство.
Борко Лазески е зачетник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија. Се запишал на Ликовна школа во 1933/34 година во Белград, а студиите ги продолжил на Ликовната академија во Белград, но поради војната ги завршува на Државната уметничка академија во Софија, во 1943 година.
Во почетокот на 1945 година учествува во формирањето нма уметничката школа во Скопје и е еден од оснивачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

„Уметничкото наследство на Борко Лазески има трајно влијание врз македонската визуелна уметност и се смета за пионер во македонската модерна. Тој зад себе оставил богат опус на творештво кој го одразува неговиот креативен развој и влијанието на времето и средината во која творел. Неговото творештво се одликува со различни стилови, а неговите дела истражуваат и прикажуваат различни аспекти на македонската култура и идентитет“ – вели Марија Коробар, куратор на изложбата.
Ви споделуваме неколку фотографии што ни ги испрати читател.







