Убави коментари, пофалби, аплаузи, распродаден концерт – ова е билансот од гостувањето на нашата диригентка Дијана Имери Илкоска во Тбилиси, Грузија. Таа настапи со престижниот оркестар „Гија Канчели” како гостин диригент и беше првата жена што диригирала со овој оркестар.

Концертот се одржа на 6 ноември во салата на Државниот конзерваториум „В.Сарајишвили” во Грузија, како завршен концерт на престижниот Фестивал за класична музика “Tbilisi chamber music festival”. Солисти на концертот беа реномираните пијанисти Луис Швицгебел Ванг, Мариана Ахба и Двид Аладашвили, а на програмата беа двата концерти за две пијана на Моцарт и Пуланк, како и легендарната Моцартова увертира „Дон Џовани” од истоимената опера.

– Поканата за мене лично беше огромна чест, но на некој начин претставува и историски чин, затоа што бев првата жена која што диригираше со тој оркестар. Но, и воопшто првата жена во таа концертна сала каде што има настапувано и славниот Сергеј Рахмањинов. Пробите течеа во креативна работна атмосфера и на крајот резултираа со многу успешен концерт, за којшто зборуваше целата грузиска јавност. Но, и самиот факт што салата беше распродадена до последното седиште. Плодна и успешна соработка остварив и со солистите коишто беа на ниво на задачата и сето ова резултираше со разговори за идни концертни проекти низ Европа – вели Имери Илкоска.





