Четири први и едно второ место и специјална награда за најдобра група освои гевгелиското танцово студио „Мистик“ на Меѓународен танцов фестивал во Прага. Членовите на ова студио на натпреварот „Прага денс опен“ што се одржа од 2 до 5 ноември, ги освоија наградите во следните категории: хипхоп трио мини деца, MTV стил група деца, хипхоп група деца и хипхоп соло возрасни. Кореограф на студиото е Александар Аврамов.

International dance fest е организација која се занимава со организација на фестивали и натпревари во областа на танцот, фолклорот и хорската уметност на повеќе локации низ Европа.
-Танцовото студио „Мистик“ од Гевгелија е дел од овие натпревари почнувајќи од 2012 година во Римини, Италија со скромно учество од една детска група во хипхоп, но освоено високо второ место кое нè поттикна да почнеме поинтензивно да работиме на подготовки за натпреварите. Подоцна студиото учествуваше на натпреварите во Виена (2015 и 2018 година), Крф (2015), Прага (2016 и 2023 година). Годинашниот успех е поттик за уште подобра работа на студиото – вели Аврамов.

Студиото „Мистик“ постои од 2008 година како секција по урбани танци при Пионерскиот дом во Гевгелија, а од 2014 година официјално како танцово студио.
Учеството на студиото на меѓународниот натпревар беше поддржано и од општина Гевгелија.





