„Звучен бран“ е името на првиот целосен музички бенд на деца и младинци со оштетен вид што го формираа ученици од училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје. Бендот е формиран до помош на донцијата од Сојузот на ротари клубови на Македонија, по повод Денот на белиот стап кога сиот свет ги одбележува достигнувањата на слепите и лицата со оштетен вид и го покажува духот на независност.
Учениците добија комплет тапани, две електрични гитари, засилувач за гитара и два микрофона. Заедно со веќе постоечките музички инструменти, училиштето го комплетираше својот прв музички бенд. Во рамки на училиштето функционира и верификувано нижо музичко училиште каде се промовира и практикува индивидуален пристап од 7 до 14 години. Талентираните ученици учат теорија на музика и како да свират на музички инструменти: пијано, хармоника и кларинет.
– Ова беше долгогодишна желба на училиштето и на колегите кои работат во нижото музичко. Сека имаме школски бенд кој може да нè претставува на локални и меѓународни натпревари и настани. Со тоа да се промовира афирмација и инклузија на лицата со оштетен вид во општеството – вели Бобан Спасенцовски, директор на училиштето.
По набавка на инструментите, во рамките на донацијата ќе продолжи бесплатната едукација и менторство на децата и младинците од страна на стручни лица од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Главна цел на училиштето е да обезбеди квалитетно образование на учениците, користејќи современи методи и форми на работа кои го поттикнуваат развојот на општата култура.
Во моментот, во „Димитар Влахов“ функционира основно училиште со 33 ученици и средно училиште со 15 ученици. Во училишниот интернат се регистрирани 15 ученици. Наставниот процес го одржуваат 30 наставници. Училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид постои повеќе од 60 години. Неговата задача и цел е да ги едуцира и рехабилитира децата и младите со оштетен вид до степен на независност за професионален и личен живот.





