Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата на ковид-19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела
Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска. Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата на ковид-19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.

Авторките го објаснуваат своети творештво. Делата на Ивановска се засноваат врз истражување на темата и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Нејзините дела се настанати преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.

„Регенарција“ на Христина Зафировска
Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Тие наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот.

„Мапа на чувствата“ од Ана Ивановска
Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, отсек сликарство (2006). Во 2007 година го завршува Педагошкиот оддел. а во 2011 ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на истиот факултет. Од 2006 год. член е на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ). Реализирала повеќе самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство.
Христина Зафировска (Скопје, 1983) дипломира на ФЛУ во Скопје, на насоката сликарство со графички дизајн. Магистрант е на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. 2009 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација.

„Кожа“ на Маја Кировска
Маја Кировска (Скопје, 1982) дипломира во 2007 година на ФЛУ на отсек графика, со насоки графички дизајн и модно креирање со текстил, каде е наградена за најдобар студент во класата. 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во 2011 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во област сликарство, под менторство на професорот Благоја Маневски. Во 2011 започнува постдипломски студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за филмски уметности – Европска филмска и театарска академија ЕСРА во Скопје. Од 2013 до 2019 предава на факултетот за Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет.
Трите авторки се меѓу основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009) која станува уметнички културно-алтернативен центар во Скопје сè до 2011 година и на седумчлената уметничка женска група „МОМИ“ која сè уште е активна на македонската ликовна сцена.





