„Тишина“ и „Варијации“ од Пандора Апостолоска-Саздовска и Сашо Саздовски во Загреб

Уметниците Пандора Апостолоска-Саздовска и Сашо Саздовски утревечер во 20 часот ќе отворат самостојна изложба во Мекедонскиот културно-информативен центар во Загреб. Визуелната уметница Апостолоска-Саздовска ќе се престави со инсталацијата „Тишина“ мултидисциплинарен проект во кој монументалните дела го претставуваат актуелното и ангажирано визуелно истражување на уметницата. Скулпторот Саздовски ќе се престави со проектот „Варијации“ преку кој ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот.

Пандора Апостолоска-Саздовска

Проектот на Апостолоска-Саздовска ги истражува правата на имигрантите и го дефинира видот на уметност што се создава за да постои во одреден политички момент, со што се врши потенцијално политичко и општествено влијание врз самото уметничко дело. Таа има развиено уникатно тело на уметност што се занимава со реалноста и сегашноста, а не со традиционалните начини на претставување. Овој пристап им овозможува на гледачите да искусат жива меморија на општествениот активизам каде уметникот ги замаглува границите помеѓу уметноста и животот. Целиот проект содржи длабок пост-концептуален пристап, со цел да се „разјасни“ дека уметноста понекогаш не мора да има значење сама по себе, туку да дејствува како столб на тековниот експеримент и дијалог во една поголема уметничка парадигма. Спомените и личните приказни стануваат важен сегмент во работата на Апостолоска-Саздовска. Инспирирана од секојдневната рутина, таа ги користи текстот и бројките за да изрази своевидна фрагментација на реалноста како критика на општеството во кое живееме.

Сашо Саздовски

„Варијации“ е дел од истражувачката серија на скулптри во кои Саздовски се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Во овој проект тој инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност. Делата на Саздовски имаат за цел да го презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата.

Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски. Таа е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Реализирала многу излоѓби во странство. Во 2017 година беше визититинг професор на катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати, а во 2023 година беше визититинг професор на Универзитетот во Сокотра, Република Јемен.

Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 година дипломирал на ФЛУ, каде во 2002 година магистрирал под менторство на проф. Драган Поповски – Дада. Уметничката практика на Саздовски е научно истражувачка. Во своите истажувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност. Тој е професор по ликовна уметност во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје, а во 2023 година беше визититинг професор на Универзитетот во Сокотра, Република Јемен.

Сподели