Пред полно гледалиште во античкиот театар, уметниците од Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска го изведоа спектакуларниот проект „Големиот Чајковски“
Пред полно гледалиште во античкиот театар во Охрид синоќа беше отворено 61. издание на фестивалот „Охридско лето“. Уметниците од Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска го изведоа спектакуларниот проект „Големиот Чајковски“ составен од балетската трилогијата „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и од операта „Евгениј Онегин“. Настапија повеќе од 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на НОБ.
– „Охридско лето“ одамна е престижен настан. Ја надмина фестивалската улога и стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост. Охридскиот Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја зачуваме – не поради УНЕСКО туку поради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест – рече министерката за култура Ирена Стефоска на отворањето.

Министерката за култура Ирена Стефоска
На отворањето присуствуваа претседателот Стево Пендаросвки, министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, нејзината заменичка Мери Кумбе, претставници на дипломатскиот кор и други личности од јавниот и од политичкиот живот во земјава.
„Охридско лето“ традиционално го прогласи за отворен претседателот кој е покровител на фестивалот.
– На светот му е неопходна убавината. Таа, заедно со вистината што ослободува и со добрината што облагородува, може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото. Веќе 61 година оваа институција дава простор за врвни креации на илјадници уметници од целиот свет. Токму уметниците се вистинските чувари на убавината, и со тоа, и сведоци дека надежта за човештвото опстојува – рече Пендаровски.
Од името на уметниците, традиционалната порака за 61. издание на „Охридско лето“ ја пренесе уметничката директорка на НОБ, Олга Панго. Таа пораката им ја посвети, пред сè, на колегите.

– Честа да се стои вечерва пред сите вас во име на сите уметници е огромна, исто како и одговорноста која секој од нас ја носи со секое застанување на сцена, секое движење и секој доживеан аплауз. Уште поголема е возбудата токму поради фактот што годинава токму ние, македонските уметници, ќе го отвориме фестивалот „Охридско лето“. Македонските културни институции мора да се поддржуваат меѓу себе и ние вечерва ќе го покажеме токму тоа, како треба да се работи во име на уметноста – порача Панго.

Во текот на 40-те фестивалски вечери, на летните сцени на античкиот театар, во предворјето на катедралната црква „Св. Софија“ и на Долни Сарај ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, а ќе бидат реализирани 34 уметнички концерти на врвни имиња од областа на музичката уметност и шест театарски претстави.






