Промоција на реобјавениот роман „Арамиско гнездо“ од Ѓорѓи Абаџиев ќе се одржи вечерва во 19 часот ќе биде промивиран онлајн на на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Кон делото ќе се осврне д-р Марија Георгиева Димова, професорка по компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Онлајн-разговорот ќе го води Ведран Диздаревиќ, уредник во „Арс Ламина“.
Романот „Арамиско гнездо“ првично бил објавен во 1954 година, а неодамна беше реобјавен во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“. Ова е еден од првите романи издадени на македонски јазик.
– Во него Абаџиев ја користи својата богата имагинација, полна со историско знаење, за да ни го наслика времето на ајдутството. Преку ајдутите Мануш, Трајко и Муса, нивните љубени Дафа и Јана, чорбаџијата Гого Јане, Топуз-бег, Билбил-ага и многу други. Тој му вдахнува живот на не толку далечниот 19 век. „Арамиско гнездо“ е роман за сите љубители на историската фикција! Книгата е богата со прекрасни пејзажи: возвишени планини, мистериозни шуми, брзи потоци, мирни и затскриени села – велат од „Арс Ламина“.
Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Од најмала возраст живее како емигрант во Грција и во Бугарија. Во 1948 година се враќа во Македонија, каде што во Скопје е еден од основачите и најактивните соработници на Институтот за национална историја. Од 1949 година, тој е член на Друштвото на писателите. Престојува во Скопје до крајот на својот живот. Неговото творештво главно е содржано од раскази и романи со историска предлошка. Ги објавува следниве дела: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.





