До 16 јули продолжен рокот за пријавување на фестивалот „Театарски европски алтернативи“

По барање на уметниците, Интернационалниот фестивал „Театарски европски алтернативи“ Sturm und drang го продолжува рокот за пријавување во програмата „Нов бран“. До сега се пристигнати повеќе од 20 апликации за поезија, 12 апликации за визуелни уметности и 9 апликации за музика. Рокот за пријавување е продолжен до 16 јули.
Годинава фестивалот ќе промовира уметници од нашата држава во четири категории: дизајн на постер, фотографија, музика и поезија. Темата на која уметниците треба да креираат е „Продор“.
Селектори на фестивалиот се Џијан Емин за музика, Никола Маџиров за поезија и Дејан Џолев за визуелни уметности.
– Продор е начин. Продор е пат. Продор е цел. Продор е тест за вистината. Продри длабоко за да дознаеш кој си и што си. По продорот животот ќе биде појасен и почист. Да бидеме искрени и да продреме до единствената вистина. Сите во продор!“ – вели Емин.

Маџиров додава: „Новиот бран е брана за сите канони на лажни времиња. Не постои совршеност, само продор“.

Според Џолев, илузијата која ја креираат социјалните медиуми за популарноста на нашата уметност не само што е непотребна, туку и опасна, пред сè за секој млад автор. Групното (јавното) претставување не само што е поинакво искуство, тоа е неопходно за здрав развој на секој млад автор и креативец.
– Надвор од сопствениот меур и надвор од рамките на цензурата и самоцензурата – правилата што ги креираат социјалните медиуми. Ова се само неколку причини, зошто ги охрабрувам сите автори да конкурираат на овој повик, да продрат подлабоко од дневните рутини и навики, да се изразат слободно и јавно во вистинска смисла на зборот, а меѓудругото, да не заборавиме, постер и фотографија се печатени медиуми и формати поголеми од димензиите на нашите „паметни“ телефони – вели Џолев.

Апликацијата може да ја витите ТУКА.

 

Сподели